Со смртта на сенаторот Мекејн Македонија загуби голем поддржувач

Македонија имаше среќа сенаторот Џон Мекејн да биде нејзин поддржувач. Смртта на американскиот сенатор Џон Мекејн, кој остави голема трага на американската политичка сцена, на чија оставштина како политичар, но и како човек, деновиве се поклонија и републиканците, но и демократите, за поранешниот пратеник Александар Спасеновски кој во неколку наврати се сретнал со него, е загуба за земјава.

„Нашата држава останува по неговата смрт посиромашна за една личност која долги години, ако не и долги децении, покажуваше разбирање и ги поддржуваше нејзините надворшно политички приоритети за членство во НАТО“, вели Александар Спасеновски, поранешен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Спасеновски вели дека впечатокот кој го добил за него бил дека е скромна личност, но политичар со цврста решеност да ги реализира идеите кои ги застапувал.

„Од оваа перспектива тоа го гледам единствено во светло на неговата силна желба, силни залагања, за поттикнување и промовирање на демократијата во оние држави кои што порано, фигуративно, денес го кажувамке тоа, беа дел од поранешниот социјалистички, односно комунистички блок“, вели Александар Спасеновски, поранешен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Мекејн кој почина во саботата од рак на мозокот, беше американски херој од Виетнамската војна, но и политичар со цврсти принципи. Тој се спротивставуваше и на политиките на сопствената републиканска партија, кога не се согласуваше со нив. До самиот крај беше остар критичар на претседателот Трамп за водењето на државата и гласаше против неговиот планот за здравствена заштита. Беше и единствениот сенатор што не гласаше за републиканскиот закон за промена на даночниот систем. Мекејн отиде дотаму во следење на своите политички принципи што побара на неговиот закоп да не присуствува Трамп, а побара говори да одржат поранешните американски претседатели Буш и Обама, од кои беше поразен во трката за претстедателски кандидат на републиканците во 2000 година и на претседателските избори во 2008.

Мекејн во очекување на крајот адресираше и постхумно писмо до своите сонародници Американци, во кое вели дека правел грешки, но оти се надева дека неговата љубов кон Америка ќе претежне наспроти нив. Во него меѓу другото им порача:

„Не очајувајте поради нашите сегашни тешкотии. Ние секогаш веруваме во ветувањето и големината на Америка, бидејќи ништо не е неизбежно тука. Американците никогаш не се откажуваат. Ние никогаш не се предаваме. Ние никогаш не се криеме од историјата. Ние ја создаваме историјата“.

Во Аризона, сојузната држава која Мекејн 30 години ја претставуваше во Сенатот, започна првата меморијална, а ќе биде погребан в недела во Поморската академија во Анаполис во Мериленд.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ