
Долгот за струја нема да биде пречка за избор на снабдувач
Се додека граѓаните не се одлучат од кого ќе купуваат струја, домаќинствата како и досега ќе ги снабдува ЕВН Македонија. Нивното право за гарантирано снабдување со струја продолжува на регулираниот пазар по цени што ги определува РКЕ.
Процесот на избор на универзален снабдувач почнува следната недела и на тендерот може да се пријави било која од 25 фирми што имаат лиценца за дејноста. Откако ќе биде избран снабдувачот, ќе се формира нова фирма со нова сметка за да нема мешање на приходите и трошоците меѓу регулираниот бизнис и работата на слободниот пазар.
Доколку граѓаните сакаат струја да купуваат на слободниот пазар, тоа можат да го сторат од 8 активни фирми. Дел од фирмите со кои контактираше Телма, велат дека не брзаат со медиумска кампања преку која ќе ги привлекуваат потрошувачите. Ќе чекаат најпрво да се избере универзалниот снабдувач и да се утврдат тарифите за него, а потоа ќе одлучат дали тој пазар е интересен за нив или не.
– Цената сега е 39 евра така што ќе се притисне фирмите на слободниот пазар да дојдат до оваа цена за домаќинствата. На слободниот пазар покрај цената ќе влијае и периодот на плаќање, начинот на плаќање, потрошувачката, објаснува Марко Бислимовски РКЕ.
Неплатените сметки за струја нема да бидат пречка домаќинствата и малите компании да изберат и да ја менуваат фирмата од која ќе купуваат струја.
Статистиките покажуваат дека на годишно ниво 93 % од потрошувачите си ги плаќаат сметките за струја но месечно тоа не можат да го сторат ниту 50% од нив. Во насока на заштита на социјалните и ранливи категории на граѓани, се предвидува тие да не можат да бидат исклучени од струја во текот на зимата но обврската за враќање на долгот останува.
– Со ниски примања сакаме да им гарантираме дека во зима не се исклучуваат со обврска понатаму да си ги покријат трошоците, вели Бислимовски.
Според утврдените правила на потрошувачите во оддалечените реони ќе им се обезбеди ист квалитет на струјата, ќе има повеќе начини за плаќање на сметките на повеќе наплатни пунктови.
- ЕВН Македонија Електроснабдување
- Енерџи Деливери Солушнс
- Мист Енерџи
- Енерџи Актив
- Енергетска Финансиска Група АД Софија
- Елнор
- Соларпро Холдинг АД Софија
- У Повер.
Виолета З Стојановска