Економија Неплатените сметки нема да биде пречка за граѓаните да го сменат снабдувачот
Долгот за струја нема да биде пречка граѓаните да ја менуваат фирмата од која ке се снабдуваат со електрична енергија. Согласно Законот за енергетика и правилата на Европската енергетска заедница обврската да се плати заостанатата сметка за потрошена електрична енергија останува а преминот од еден на друг снабдувач ќе трае најмногу 21 ден.
Статистиките покажуваат дека на годишно ниво 93 % од потрошувачите си ги плаќаат сметките за струја, но месечно тоа не можат да го сторат околу 50% од нив. Дали и на слободниот пазар компаниите ќе ги исклучуваат домаќинствата за една неплатена сметка допрва ќе се одлучува.
Во следниве 3 месеци се очекува засилена медиумска кампања од страна на фирмите со која ќе ги убедуваат домаќинствата да бидат нивни клиенти. Прв таргет се очекува да бидат комерцијалните потрошувачи односно дуќаните, погоните и трговските центри а потоа вниманието ќе биде насочено кон граѓаните. На потрошувачите во оддалечените реони според утврдените правила мора да им се обезбеди ист квалитет на струјата, во понудата мора да има повеќе начини за плаќање на сметките и да има повеќе наплатни пунктови.
За исклучените поради неплатена една сметка, повторното вклучување наместо сегашните 1.000 денари, ќе се намали на 800. За новите приклучоци, оние што градат нови куќи и треба да влезат во енергетскиот систем, сегашната сума од 500 евра, ќе се намали за најмалку 10 проценти.
РКЕ денеска ги утврди правилата за регистрација на нови учесници на пазарот на струја, снабдувачи, трговци, производители а согласно препораките на ЕЕЗ и ЕК промени ќе има во однос на поддршката која ја добиваат производителите на струја од ветерници и фотоволтаици бидејќи утврдено е дека тоа прави притисок во однос на цената на стујата.
Виолета З. Стојановска



