ВМРО-ДПМНЕ се уште нема став за референдумот

Се уште траат консултациите во и со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Дури кога ќе изградат конкретен став, ќе го известат Собранието дали ќе водат кампања и колку пратеници ќе учествуваат во неа. Неофицијално, пратениците немаат единствен став: дали да го послушаат повикот на лидерот Христијан Мицкоски и да одбијат медиумско претставување со буџетски пари или да го земат финансискиот дел што им припаѓа и да водат кампања за бојкот или „против“ референдумското прашање.

Од оваа коалиција единствен кој упатил поединечно известување до спикерот Талат Џафери е Антонијо Милошоски. Тој и јавно кажа дека ќе води кампања за бојкот, но доби одговор дека парите нема да му бидат исплатени лично туку преку пратеничката група. Неизвесно е дали уште некој пратеник од ВМРО-ДПМНЕ има слични ставови.

„За“ референдумското прашање се изјаснија 71 пратеник. Утре би требало да промовираат коалиција на партии и независни пратеници, независно дали се дел од власта или од опозицијата. Потоа, ќе направат медиа план за презентација на нивниот став во медиумите. Имаат на располагање 5 минути и 23 секунди на еден час програма. Треба да се договорат како ќе ги поделат. Дилемите доаѓаат од опозициската Алијанса, која сака да води кампања за референдумското прашање, а против некои политики на Владата. Тоа веројатно ќе треба да го прави од сопствени партиски средства, како што владеачката СДСМ најавува теренска кампања со сопствени пари.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ