ИРИ: 57 отсто од граѓаните поддржуваат влез во ЕУ и НАТО под „Република Северна Македонија“

Расте поддршката кај македонските граѓани за компромисно решавање на спорот со Грција со што Македонија ќе може да се зачлени во ЕУ и НАТО. Ова го покажува најновата анкета што ја спроведе Меѓународниот републикански институт, ИРИ во која половина од анкерираните или 49 отсто се изјасниле дека имаат намера да гласаат позитивно за решавање на спорот со името, додека „против“ се 22 проценти. Нема да гласаат 16 отсто, а 13 проценти се уште не одлучиле. Како гледаат на самиот предлог Македонија да се зачлени во ЕУ и НАТО под новото име “Република Северна Македонија“, мнозинството или вкупно 57 отсто даваат поддршка, од кои 37 проценти целосна, а 20 донекаде го поддржуваат предлогот. Истиот процент на оние кои го поддржуваат предлогот веруваат дека придобивките од членството го оправдуваат новото име.

Како што се проближува датумот на референдумот очигледно евроатлантската интеграција на Македонија на граѓаните им станува се пореална. Оттаму расте бројот на анкетирани кои го поддржуваат зачленувањето во Европската Унија, сега 83 проценти се изјасниле за или шест отсто повеќе во споредба со август 2017, или за 11 отсто претходната година. Поддршката за членството во НАТО и натаму е висока и изнесува 77 отсто.

Во оваа теренска Анкета спроведена од 28 јуни до 15 јули од Центарот за анкетни истражувања преку ГФК Скопје на 1.100 испитаници измерен е и рејтингот на партиите и политичарите.

Разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е 3 проценти во корист на владејачката партија. Доколку денеска би се одржале парламентарни избори за СДСМ би гласале 21, а за ВМРО – ДПМНЕ 18 отсто од граѓаните.  ДУИ има поддршка од седум проценти, Алијансата на Албанците два, а ДПА и двете крила на Беса по еден отсто. Во споредба со последната анкета на ИРИ од август 2017, рејтингот на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ е зголемен за еден процент. Голем е вкупниот збир на оние кои не знаат 19 отсто и 23 проценти кои не се изјасниле за кого би гласале.

Меѓу политичарите во Македонија, според анкетата, најголема поддршка има Зоран Заев со 16 отсто. Огоромен пад има кај бившиот премиер, Никола Груевски на само седум отсто и кај Ѓорѓе Иванов од март 2017 до сега рејтингот му е речиси преполовен. Ахмети има пет отсто поддршка, а Христијан Мицкоски и Никола Димитров по два отсто од анкетираните. Вкупно 45 отсто од граѓаните одговориле дека не поддржуваат ниту еден политичар, што е зголемување од 14 отсто во споредба со претходното истражување.

Сања Васиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ