Интервју со конгресмените Флоренс и Прајс: Желбата на САД е интеграција на Македонија во НАТО

Желбата на САД е да се има Македонија интегрирана во НАТО, е пораката од петте американските конгресмени кои вчера и денеска остварија средби со пратениците во Собранието, но и други политички претставници во земјава. Тие изразија надеж дека Македонија сега нема да ја испушти можноста за членство. Конгресмените Бил Флорес и Дејвид Прајс, во интервју за Телма, за претстојниот референдум велат дека најважно е Македонските граѓани да размислат што за нив ќе биде најдобар исход и да излезат да гласаат.

Интервјуто со конгресмените го водеше Тамара Грнчароска.

Телма: Конгресмену Флорес, ако дозволите интервјуто ќе го започнам со вас. Дел сте од поголема делегација на американски конгресмени кои се во посета на Македонија за да разговарате за соработката меѓу Конгресот и македонското Собрание. Вашата посета е во период кога фокусот во земјава е насочен на референдумот за името по Договорот со Грција. Може ли да ни кажете нешто повеќе за посетата и како вие гледате на Договорот со Грција?

Флорес: Партнерство за демократија на Конгресот е бипартиска комисија и ние сме тука да го промовираме македонското пристапување во НАТО и крајно во ЕУ. Македонија веќе има витална демократија, но ние сме тука да и помогнеме на земјата да го преземе следниот чекор, да покажеме дека ние како САД го поддржуваме македонското пристапувањето во НАТО и ќе направиме се што можеме за Македонија. Дозволете ми да кажам дека не постои договор кој е совршен, но она што мора да го гледаме е поголемото добро. Во овој случај договорот со Грција го постави патот Македонија да стане членка на НАТО и потоа на ЕУ. Тоа е добро за иднината на сите Македонци. За Македонските семејства тоа ќе значи поголеми економски можности, поголема национална безбедност за земјата, ќе значи повеќе домашни и странски вложувања, повеќе работни места, поголеми еконмски можности. Сметаме дека е огромна можност за Македонија да продолжи да биде што повеќе интегрирана во евро-атлантскиот сојуз.

Телма: Конресмен Прајс, се сретнавте со сите релевантни политички претставници во земјава. Како ја оценувате политичката ситуација пред референдумот за името?

Прајс: Инволвирани сме како Партнерство за демократија на Конгресот, како бипартиска комисија, за целото нејзино постоење – речиси 12 години. Македонија е партнер долго време и е значаен пријател и партнер. Сме имале многу посети тука и многу парламентарци и вработени во Собрание ги посетиле САД. Имаме долга историја на взаемна поддршка и да развиеме модерна парламентарна институција во земјава, но и да учиме од македонското искуство од наша страна. Ниедна демократија не е совршена, сите мора да продолжиме да работиме на тоа.

Телма: Претстојниот референдум кој е тесно поврзан со членството во НАТО и ЕУ ги подели политичарите и јавноста во земјава на „за“ и „против“, а има дури и отворени повици за бојкот. Конресмену Флорес кој е вашиот став за тоа?

Флорес: Сметам дека е тоа нормален демократски процес за секоја иницијатива, во секоја земја, па и кај нас во САД. Некои луѓе ги поддржуваат иницијативите некои не. Она што сметам дека е важно за македонските граѓани е да размислат што нив ќе им овоможи најдобар исход. Според нашето гледање најдобриот можен исход е да се одржи референдумот, да се има патот кон и сојуз со НАТО и можното членство во ЕУ. Ние не можеме да ги охрабруваме луѓето за едното или другото, но ги охрабруваме да излезат и да гласаат бидејќи тоа е од огромно значење за иднината на Македонија.

Телма: Не сметате дека бојкот е солуција?

Флорес: Всушност се сретнавме со членови на опозициската партија и тие самите на средбите кажаа, не сите, но некои, дека не се согласуваат со бојкот. Сметаат дека ова прашање е многу важно за да се потпира на партиска платформа и подобро е да се потпира на тоа што е најдобрата работа што може да и се случи на Македонија. И тоа е патот за пристапување во НАТО. И мило ми е што гледам дека како членови на опозициската паетија велат дека ќе го поддржат тоа и ќе бидат против бојкот.

Телма: Конгресмен Прајс, Македонија доби вето во Букурешт во 2008 и покрај сите најави за претходно поканата за членство. Постои степен на скепса во земјава дека и со промена на името тоа може да се повтори. Што мислите за тоа?

Прајс: Се сеќавам на тоа вето многу добро. Го посетивме Скопје неколку недели потоа. Се случи во тоа време. Ние на бипартиска основа изразивме нашата поддршка за македонското пристапување во НАТО и да не се дозволи спорот за името да стои на патот. Поминаа многу години од тогаш. Знам дека патот беше тежок, но добро е да е види дека работите се средуваат на начинот кој го гледаме и се надеваме дека ова конечно ќе биде решено и пристапувањето во НАТО ќе биде завршено. Македонија е мала земја, но ние уште од самиот почеток ја избравме Македонија како партнер. Сметаме дека е екстремно важна, клучна, за Балканот. Да се има нестабипност или проблеми тука би можело да значи проблеми и на други места. Во интерес на сите нас е да го решиме ова на позитивен начин.

Според мене, бидејќи зад нас се деновите на вето и го имате Договорот со Грција, за кој се надевам дека ќе биде ратификуван во парламентот, ние имаме патека која води напред. Ние нема да им кажуваме на Македонците како да гласаат, но се обидуваме да го изразиме она околу што и двете партии во Конгресот се согласуваа, а тое е желбата да се има Македонија како полноправна членка на НАТО, интегрирана со Западот. Тоа може да биде многу важен момент во македонската, но и европската иднина. И се надеваме дека можноста нема да биде испуштена.

Телма: Конгресмен Флорес, Стејт департментот соопшти дека решението за името меѓу Македонија и Грција е дел од американската геостратегија за борба против руското влијание  во Европа. Гледате ли руско мешање во Македонија?

Флорес: Да ни веруваме дека се меша во процесот на референдумот. Ако размислоте за тоа, Русија не сака да се зголеми бројот, опсегот или важноста на НАТО. Секако дека има мешање. Но сметам дека она што е важно за македонските граѓани е да видат дали тие нудат подобра алтернатива. Дали е подобро за Македонија да гледа кон Исток или да гледа кон сојуз со евро-атлантската Алијанса. Мислам дека повеќето Македонци се  многу умни и дека разбираат дека нивната идна безбедност, иден економски развој, идните опции за нивните семејства е да гледаат кон евро-атлантскио сојуз и да ја игнорираа бучавата која ја создава путиновата Русија.

Телма: Конгресмен Прајс дали ваквото мешање може да му наштети на референдумот или идното пристапување на Македонија во НАТО?

Прајс: Сметам дека мешањето има потенцијал да биде многу штетно. Разочарувачки е да се види дека Путин мисли дека земја како Македонија не може да има пријателски односи со другите. Ние разбираме дека Македонија има тешко соседство и дека има потреба од добри односи со Истокот. Но исто така разбираме дека повеќето Македонци веруваат дека иднината е со Европа и дека имаат критична улога во стабилизирањето на овој дел од Европа и да се биде пример за демократија за другите. Тоа изгледа како многу убава иднина. Штета што Русите чуствуваат дека треба да ја одвратат. Се надевам и верувам дека нема да успеат.

Телма: Последнотот прашање и до двајцата. Дали сте оптимисти дека Македонија ќе го направи последниот чекор кон целосно членство во Алијансата?

-Апсолутно.

-Да, многу сум убеден во тоа. Како што разбравме референдумот е важниот први чекор, но се чини дека НАТО е подготвено. НАТО вели добредојдојде и е подготвено. И се надевам тоа им дава охрабрување на македонските граѓани.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ