
Марко Пејчиноски го започна подвигот за препливување на Охридското Езеро
Дванаесетгодишниот Марко Пејчиноски од Охрид утрово го започна подвигот за препливување на Охридското Езеро. Ова момче со челична волја заплива во свежите езерски води околу 9.30 часот кај Св. Наум и покрај силниот северен ветер и бранот.
Марко се држи одлично и веќе преплива повеќе од половина од Охридското Езеро. Плива со константно со 60 зафати во минута, што е добро темпо. Физички и психолошки е исклучително стабилен, што е од голема важност за ваков подвиг вели медицинскиот тим кој го прати Марко заедно со екипа на Црвениот крст и уште еден пратечки чамец во кој се таткото и неговиот брат.
Подвигот на храбриот пливач Марко е дотолку поголем ако се земе предвид дека тој има доживеано инфаркт на коска на долните екстремитети, но како што вели, тоа не му претставува пречка да го оствари својот голем сон, да го преплива Охридското Езеро. Тој има огромна поддршка од охриѓани кои денеска испраќаат илјадници пораки со поддршка на Мрко на социјалните мрежи. Времето на пристигнување во Охрид ќе зависи од временските услови, а се очекува тој да доплива на градското пристаниште во доцните попладневни часови.
Горан Момироски