
Владата ќе обезбеди дополнителна субвенција за лозарите
Владата ќе обезбеди дополнителна субвенција од 1 денар за килограм предадено грозје за сортите вранец и смедеревка.
На овој начин ќе се придонесе за зголемување на рентабилноста на производството на овие две најзастапени сорти. Одлуката ќе биде донесена на следната владина седница, соопштуваат од владината прес-служба.
Освен оваа дополнителна субвенција, со цел создавање на рентабилно производство, Владата ќе обезбеди финансиски средства за Здружението на лозари, за да можат да обезбедат дополнителни контроли на мерењето на шеќерните единици, а се со цел да нема манипулации и да бидат сигурни во проценките од страна на винариите.
Дополнително, со годинешната Програма за финансиска поддршка во земјоделството, лозарите кои имаат од 1 до 10 хектари лозје, ќе добијат наместо 40.000 денари 48.000 денари по хектар за одржување на насади. Претворена во килограми, оваа субвенција изнесува половина денар по килограм, што значи дека вкупната финансиска поддршка заедно со дополнителната субвенција ќе изнесува 1,5 денари за килограм.