
Хан: Македонските граѓани треба да изберат – изолација или интеграција во ЕУ
Се е во рацете на македонските граѓани, тие треба да изберат – или изолација, од која едвај ја извлековме Македонија, или интеграција во Европската унија и повисок стандард. Ова го порача еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на маргините на неформалниот состанок на премиерите на Западен Балкан што се одржа во Драч, на кој од очекуваните шестмина, се појавија тројца премиери, меѓу кои и домаќинот Еди Рама. Но Хан не даде прецизен одговор дали има алтернатива доколку нде успее претстојниот референдум во Скопје.
Со него се согласиле сите присутни премиери, црногорскиот Душан Марковиќ вели дека во регионот се зајаканал политичкиот дијалог, но и довербата, а најдобар пример за тоа е токму потпишаниот договор меѓу Македонија и Грција.
Иако најавен, премиерот Зоран Заев не дојде во Драч, од Владата велат, надлежните служби, по стручната и безбедносната проценка на временската прогноза, донеле одлука да се откаже специјалниот лет за Тирана на владиниот авион. Но премиерот, децидни се, целосно го поддржува она што беше главна идеја водилка на состанокот, поголема соработка на земјите од регионот, што ќе води до регионална економска област.
Само со повисок економски раст, инвестиции, особено во енергетиката и патиштата и укинување на нецаринските бариери, и многу брзо движење во таа насока, можеме да фатиме приклучок кон Европа и да ги вратиме младите, вели албанскиот премиер.
„Луѓето не бараат само работа, туку добро платени работни места“, вели Рама.
И Европската банка за обнова и развој која вложи милијарди во регионот, ветува уште повеќе пари.
Но Западен Балкан не го мачат само економски проблеми. Една од темите неизбежно беше идејаста за корекција на границите како начин за решавање на косовското прашање. Косовскиот премиер Рамуш Харадинај контра претседателот Хашим Тачи, границите на Балканот да не се менуваат.
„Не давам поддршка на промена на границите и размена на територии“, смета Рамуш Харадинај, премиер на Косово.
Еврокомесартот Хан, пак, порача, нема да се примаат членки со отворени прашања, земјите да си ги решат билатералните проблеми, само така ќе се постигне стабилност на целиот регион.
Нина Нинеска Фидановска