
Рокот од Џафери истече, опозицијата не се изјасни
Координацијата кај спикерот Талат Џафери не ги разјасни дилемите како ќе се распределат парите за референдумската кампања. Прва пречка е молкот од ВМРО ДПМНЕ, која формално не го известила Собранието дали ќе води кампања, колку пратеници ќе земат активно учество и каков став ќе афирмираат.
Надвор од Собранието, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски соопшти дека партијата се откажува од владините пари и ги повика сите партии да го следат тој пример. Наспроти тоа, другите парламентарни партии и коалиции се одзваа на повикот од Џафери.
СДСМ, ДУИ, двете крила на БЕСА, ДПА и Алијансата доставија известувања дека ќе водат кампања за гласање „за“ на референдумското прашање. Џафери, координаторите на пратеничките групи и потпретседателите на Собранието одлучија да го почекаат одговорот на ВМРО ДПМНЕ до среда.
Пред собраниската седница се планира уште еден состанок на Координативното тело на која конечно ќе се утврди методологијата за закуп на медиумскиот простор. Владата одлучи за оваа намена да му стави на Собранието на располагање милион и 300 илјади евра. Ќе се реализираат преку посебна жиро сметка чиј потписник е Џафери.
Собранието треба да направи медиа план и програма за медиумски настап на пратениците во согласност со нивниот став „за“, „против“ или „бојкот“. Парите предвидени за пратеничките групи кои не ги прифаќаат, нема да се поделат на останатите, туку ќе се вратат во буџетот.
Интензивна кампања се очекува од 10-ти септември, кога нема да се закажуваат собраниски седници.
Соња Николовска