
Обиколницата кај Битола затворена поради рехабилитација на коловозот, не поради санација на свлечиштата
Рехабилитација на обиколницата над Битола од бензиската пумпа Лукоил во насока кон Прилеп, па се до клучката кај селото Крклино е причина што оваа делница од вчера е затворена за сообраќај. Од јавното претпријатие за државни патишта информираат дека покрај реконстркција на коловозот на овој дел од магистралниот пат Охрид-Битола-Прилеп, исто така, се бара трајно решение и за одроните од ридот што се појавуваат на обиколницата.
Изведувач на градежните работи е „Илинден“ од Струга од каде за Телма потврдија дека веќе се поставени собраќајни знаци за измена на режимот на сообраќај, но велат дека во нивните активности не е вклучена санација на свлечиштата, затоа што тој дел од градежните работи тие го завршиле во мај. Информациите објавени на АМСМ дека патот е затворен поради свлечиште не се точни, тврдат од градежната фирма.
Обиколницата над Битола често пати беше затворена за сообраќај, токму поради одрони од ридот, кои се појавија во повеќе наврати после големите поплави во Пелагонија во 2015 година. Сообраќајот се пренасочуваше низ Битола, што создаваше метеж и доплнително аерозагадување.
Оваа делница беше пуштена за сообраќај во мај, а сега е повторно затворена. Не се знае до кога ќе трае реконстркцијата, а од фирмата изведувач велат дека тоа зависи од временските услови. За тоа време возилата ќе транзитираат низ Битола.
Емилија Мисирлиевска