Економија Проекциите за раст треба да се коригираат?
Стопанствениците не се оптимисти дека годинава ќе се оствари раст од 3,2 %. И покрај желбите да продолжат градежните активности во инфраструктурата за да се задржи БДП, владата не се снајде добро велат тие, па тоа се одрази на првиот квартал кога растот беше 0,1 %. Изгубеното во првото тримесечје нема лесно да се надополни во бизнисот, и затоа стапката треба да се коригира вели првиот човек на Стопанската комора Бранко Азевски.
„Да не се даваат лесно проценки, да се сфати дека такви проектирани стапки не можеме да оствариме. Не е срамно да не се прогнозира точно, но срамно е ако разликата е огромна, прогнозите на институциите се преамбициозни и ќе треба да се коригираат“, вели Азевски.
Светската банка ги намали проекциите за раст на 2,3 %, ММФ прогнозира дека економијата ќе расте со 2,8%, но владата не отстапува од планираното. До крајот на годинава растот ќе се забрза и ќе дојде до ниво над 3 %, уверува вицепремиерот Кочо Анѓушев во интервју за Радио Слободна Европа.
„БДП во првиот квартал беше 0,1 отсто, но сега веќе во вториот квартал очекувам подобри бројки. Се надевам дека тие кога ќе излезат од статистика ќе го потврдат она што го кажувам и очекувам тие бројки да бидат околу проектираните веќе во вториот квартал, а во третиот и четвртиот квартал да ги надминат тие бројки, така што на ниво на година да направи просечна вредност од таа која што сите ја очекуваме и ја посакувавме, над три проценти“, вели Анѓушев.
Меѓусебните плаќања не се веќе примарен проблем на компаниите туку стручната подготвеност на работниците. Азевски во интервју за Телма не ја исклучи можноста од владата да бараат да сопре привлекувањето на странски инвеститори.
Министерот за финансии Драган Тевдовски во интервју за Капитал вели дека со буџетот е предвидена сериозна финансиска поддршка на компаниите, подобрен е повратот на ДДВ кон фирмите, на располагање им се ставаат и 100 мил евра евтини кредити од ЕИБ а растот на платите, мерките за вработување и можноста за преквалификација и дополнување на знаењата на работниците според него даваат услови за повисок животен стандард.
Виолета З. Стојановска



