Милошоски ќе води кампања за бојкот на референдумот

Пратеникот Антонијо Милошоски ќе води кампања за бојкот на референдумот, но нема да добие пари од Собранието, како што го извести спикерот Талат Џафери. Во писмото со кое му се обрати, Милошоски вели дека се координирал со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Додека партијата одолговлекува со изјаснувањето околу референдумското прашање, Милошоски изнесе личен став и побара средства за својата кампања.

„Ве известувам дека ќе земам учество во јавната пропаганда со бојкотирачки став бидејќи сум против референдумското прашање, а бојкотот е загарантирана демократска опција. Со оглед дека пропагандата се води на сопствен трошок, а како овластен предлагач Собранието може да води јавна кампања, барам да ми се обезбедат средства за таа намена“, напишал Милошоски.

Попладнево, Талат Џафери испрати дополнително објаснување. Водењето јавна кампања не значи дека секој од 120-те пратеници посебно ќе добие средства. Поканата за изјаснување е испратена до пратеничките групи и до пратениците кои не се организирани во пратенички групи. Врз основа на нивните одговори ќе биде закупен медиумски простор, вели спикерот.

Другите пратеници се уште не се изјасниле дали ќе водат кампања. Координаторот на СДСМ Томислав Тунтев ќе ја свика пратеничката група од понеделник за поединечно изјаснување, но очекува дека со други пратенички групи и независни пратеници може да состават една коалиција која ќе води кампања ЗА поддршка на референдумското прашање.

Ноќеска на полноќ заврши пријавувањето за гласање во дијаспората. Од 87 илјади иселеници се пријавиле само 3 одсто, што значи дека во 33 дипломатско-конзуларни претставништва ќе гласаат само 2 илјади 755 македонски државјани. Трошоците ќе бидат за две третини помали отколку на последните избори.

Заврши и увидот во Избирачкиот список. 295 записи се избришани, 94 се додадени, кај 74 е направена промена во податоците, а кај 7 има поништено живеалиште. На референдумот ќе може да гласаат и 260 затвореници, кои, по долгогодишни пријавувања и забелешки од набљудувачите, конечно добија биометриски лични исправи.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ