Обвинетите за „27 април“ сториле тероризам само на зборови, но не и на дело, тврдат адвокатите

Актерот Владо Јовановски не можел да ги потпалува демонстрантите да влезат во Собранието затоа што тогаш плаќал казна за погрешно паркирање, Чавков не може да биде обвинет за директна умисла на терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста со непостапување, а Богдан Илиевски е обвинет само поради една реченица. Ова беа наводи на адвокатите на дел од обвинетите за крвавиот четврток на вториот ден од судењето. Адвокатите велат дека е направена селекција и од неколку илјади граѓани влезени во Собранието, обвинети се само 30-тина од нив. За тогашниот директор на БЈБ Чавков, неговиот адвокат тврди дека требало да биде награден , а не казнет и не му е јасно како тој од целата структура на МВР е извлечен да биде обвинет, а се изоставени началници на централните полициски сили и на СВР Скопје. Сите очекуваат одговор како тогашниот министер за внатрешни Агим Нухиу, кој сега е сведок, не презел ништо.

11 од обвинетите се носат од притвор, но затворот не им обезбедува храна иако треба. Од затворската управа тврделе дека немаат услови за да им дадат храна безбедна од расипување.

За актерот Владо Јовановски еден од организаторите на протестот За заедничка Македонија, неговиот адвокат истакна дека тој секогаш рецитирал, но не потпалувал. Пратеникот Димовски пак беше бранет со тврдењето дека е обвинет затоа што обвинителството го видело дека повикува демонстранти каде да се движат низ Парламентот иако тој постојано гестикулирал со такви движења на рацете.

Обвинителството тврди дека крвавиот четврток не е резултат на воспалени емоции туку испланирано сценарио.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2026 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ