
На Македонија и треба домашен редовен авиопревозник
Македонија треба и може да има домашна авиокомпанија, но државата мора да реши што планира да прави со авијацијата како гранка, дали ќе ја отстапи на некои други или ќе вложува во неа.
„Државата да направи напор да создаде домашен авиопревозник, не национален, тоа не постои веќе никаде, туку домашен превозник, знаменосец. Ако треба на почетокот ќе помогне. Кога ќе се направи сеопфатна студија, тогаш ќе се види колкава би била субвенцијата“, вели Ѓорѓи Чачкиров, поранешен директор на Управа за цивилна и воздушна пловидба.
Од Владата велат дека постапката за формирање национален авиопревозник не е исклучена, но допрва ќе се прават анализи. Неофицијално, пак, Телма дознава дека веќе се водат неформални разговори со кадар кој има искуство, дали се заинтересирани за работа во домашна авиокомпанија.
Експертите сметаат дека во земјава има и потенцијални интересенти, пилоти и стручни лица, за да се формира домашна компанија, најдобар модел би бил јавно-приватно партнерство.
„Но, да ја формираме по европски стандарди, не е добро државата да биде стопанственик, нека биде јавно-приватно партнерство“, вели Чачкиров.
Владата најавува нов јавен повик за доделување субвенции за евтини летови, кои би почнале од другата година. Според Чачкиров, пак, за евтина карта мора да се резервира со месеци однапред, а често излегуваат непланирани трошоци. Затоа граѓаните и државата би имале поголем бенефит од домашна авиокомпанија.
Анализа правена во земјава во 2015 година покажала дека на домашна авиокомпанија би и требала поддршка од 2 милиони евра годишно. Во минативе седум години, пак, компанијата Визер доби субвенции од државата од 9,5 милиони евра.
Во меѓувреме, албанскиот национален авиопревозник „Ер Албанија“ првиот лет ќе го има во првата недела од септември, а ова го соопшти лично премиерот Рама. 51 отсто од компанијата ќе поседува Туркиш ерлајнс.
Нина Нинеска-Фиданоска