Рускоска: Нинџа и Кољо организатори на упадот во Собранието, пратениците вратари

Настаните и насилствата од 27-ми април не се резултат на зовриени емоции туку испланирано сценарио, ова го тврдеше обвинителката Вилма Рускоска во денешниот воведен збор за судењето за крвавиот четврток. Адвокатите на петмина обвинети кои дадоа воведен збор пак тврдеа спротивно, дека нема ниту „Т“ од тероризам за што обвинителството гони вкупно 33-ца.

Веќе пред 10 часот почнаа да стигаат обвинетите кои не се во притвор, а кои добија поддршка од неколку десетици подржувачи. Процесот за крвавиот четврток почна со запишување на сите обвинети и редица забелешки и приговори на адвокатите, од кои дел тврдеа дека ги немаат добиено сите докази. Судот му наложи на обвинителството да им ги даде во хартиена, а не во електронска форма сите докази од обвинението.

Потоа почна вовениот збор.

Според обвинителството, вкупно 68 маскирани биле дел од првата група напаѓачи кои учествувале во инциднетите, втората група обвинети се вработените во МВР кои не презеле никакви дејства да спречат насилство, во третата група се пратениците кои според обвинението го изневериле Собранието и принципите на кои се заколнале, а во четвртата група биле организаторите на протестите кои со потпалувачки говори ги потикнувале граѓаните да влезат во Собранието, каде на 27-ми април лани, според Рускоска немало политичка реторика туку примитивно насилство.

Адвокатите на пратениците Крсто Муксоски и Сашо Василевски, кои се први на листата обвинети во воведните зборови негираа било какво учество во дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за кое се товарат двајцата праетници кои ја отворија вратата пред толпата. Тие цел ден биле во Собрание, а седницата заврши во 18 часот додека делото според обвинението се случувало после тоа, велеа адвокатите. Пратеницте не контактирале со никој однадвор тврдат нивните адвокати и не знаеле што се случува пред Собранието. Дури адвокатот на пратеникот Василевски вели дека со своето останување во собраниската сала, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ правеле кворум при изборот на Талат Џафери.

За Никола Митревски Кољо беше кажано дека имал став поради кој одел постојано на протести и дека иако имал маска, во Собранието не презел никакво дејство опфатено со обвинението. Обвинителката Рускоска за Митрески кажа дека ја скршил вратата внтаре во Собранието која сакал да му ја отвори шефот на обезбедувањето на екс спиекрот Трајко Вељановски, Горан Ѓошевски кој пак постојано бил во контакт со обвинетиот Митко Чавков. Има докази и дека Игор Југ имал за задача да го ликвидира Зоран Заев, рече обвинителката и го спомна и телефонскиот повик од Виена од телохранителот на Никола Груевски и дека оттаму стигнала наредбата за почеток на десјтвата. Но за тој дел нема обвинети.

Цело време пред судот имаше повеќе десетици демонстранти и подржувачи на обвинетието, со транспаренти, повици, зурли и тапани тврдеа дека им се суди на патриоти кои го бранеле Уставот.

Судењето продолжува утре, а во наредните 4 месеци има закажано 38 рочишта.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ