Кампањата за референдумот ќе чини 1,3 милиони евра

Јавната пропаганда на Собранието ќе чини најмногу 1,3 милиони евра. По негово барање, ќе ги обезбеди Министерството за финансии. Владата ќе води далеку поскромна кампања со само неколку илјади евра.

На средбата меѓу координаторите на пратеничките групи и потпретседателите кај спикерот Талат Џафери беше одлучено сите пратеници да добијат можност јавно да ги изразат своите ставови. Тоа значи дека преку посебна жиро сметка ќе биде исплатен надомест за медиумското претставување на сите ставови: „за“, „против“ или за бојкот на референдумот. Вкупната сума се дели на сите 120 пратеници, согласно формулата: број на пратеници делено на 120 помножено со 80 милиони денари. Доколку некој нејќе да учествува во кампањата, „неговиот“ дел останува во буџетот. Ако е јасно дека најмалку 70 пратеници на референдумот поддржуват одговор „за“, тоа значи дека ќе добијат 46,4 милиони денари. Останатите, пред се од ВМРО-ДПМНЕ, ќе треба прво да одлучат дали ќе водат кампања и за таа одлука да го известат Координативното собраниско тело за референдум, предводено од Талат Џафери. За кампања „против“ референдумското прашање или за бојкот, ќе добијат средства во согласност со бројот на пратениците. Оваа одлука не ги опфаќа вонпарламентарните партии.

ВМРО-ДПМНЕ, која не присуствуваше на координацијата, се уште не го соопштила својот став по однос на референдумот. Што се однесува до парите, велат дека е потребен ребаланс на буџетот.

Нема потреба од ребаланс, објаснуваат од Министерството за финансии.  Парите ќе бидат обезбедени од ставката Функции на државата, која тежи 638,6  милиони евра, а ова е мало пренаменување  од 1,3 милиони.

Владата одлучи и самата да води кампања за да го објасни договорот со Грција и добивките од влезот на Македонија во Европската унија и во НАТО. Владата планира да издвои 6 и пол илјади евра од редовниот буџет на Генералниот секретаријат за комуникација преку социјалните медиуми. За соопштенијата, брифинзите, прес-конференциите, интервјуата и гостувањата, велат –  од редовните владини активности. Владата планира и други активности: теренски посети, неформални средби, состаноци и учество на јавни настани.

 Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ