
Заштитениот сведок препозна неколкумина од обвинетите за „Монструм“
Со исказ на заштитен сведок во Кривичниот суд во Скопје, денеска, по пауза од речиси месец и половина, продолжи судењето за предметот „Монструм“ на Специјалното јавно обвинителство, за петкратното убиство кај Смилковско езеро, сторено на 12 април 2012 година.
Заштитениот сведок на денешното рочиште кажа дека си останува на исказот даден на претходна постапка.
Сведокот кажа дека три-четири дена пред настанот видел четири лица со црн „голф 3“ со затемнети стакла и спортски издув на местото на настанот. Посочи дека имало црн висок човек, едниот имал лузна на левата страна, друг бил келав, еден на 50-тина години, а друг на 35-6 години.
Обвинителката Фетаи му посочи дека има разлики во исказите во однос на времињата дадени претходно и сега, на што сведокот одговори дека поминало многу време и оти не се сеќава.
Заштитениот сведок рече дека вршел препознавање во обвинителство, каде му биле покажани фотографии, без притисоци и закани.
Фетаи побара од сведокот да каже дали препознава некој од тие што ги видел на местото на настанот сега да се присутни во судницата. Препозна неколкумина и ги опиша, по што обвинителката Фетаи ги посочи Агим Исмаиловиќ и Самир Љута.
Обвинителката Фатиме Фетаи на почетокот на рочиштето побара од судот да започне постапката за екстрадиција на обвинетите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, кои се на Косово и се недостапни за македонските власти, а по нив е распишана меѓународна потерница.
За случајот „Монструм“ обвинети се вкупно 6 лица. Им се суди во Основниот суд Скопје 1, организиран криминал, по втор пат.