
Гасоводот ќе се гради со изменета траса, а потоа ќе се обновува шумата на Водно
Водно повторно ќе се пошумува откако ќе заврши изградбата на гасоводот, а со тоа ќе се допринесе за враќање на парк-шумата во првобитната состојба, вети Владата.
За таа намена ќе бидат потрошени околу 700 илјади евра. Дел од шумата на Водно ќе биде исечена поради тоа што на тој појас поминуваат 9 километри одж трасата на гасоводот.
Со свој став е и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој на прес-конференција во Владата посветена токму на трасата на гасоводот, истакна дека Скопје не смее да го спречува гасифицирањето на другите градови во земјата, но не смее да се дозволи ниту уништување на таканаречените „бели дробови“ на градот.
Шилегов рече дека Градот и Владата ја намалиле трасата на гасоводот за 4 километри, а нејзината ширина е намалена од 25 на 10 метри и дополнително ќе се заштити Водно со пошумување.
„Немаме право да стоиме на патот на гасификацијата на други градови. Изградбата на гасоводот е за доброто на сите нас, но и Скопје не смее да биде жртва на овој процес. Владата и МЕР обезбедија 43 милиони денари (700 илјади евра) за пошумување на Водно, ќе се пошумуваат и соголените падини на Скопска Црна Гора, имаме владина поддршка за зелени коридори долж реките Лепенец и Серава, еден милион денари за градско зеленило, а ќе се носи и закон за Парк-шумата Водно и кањонот Матка. Ова е првпат некој да чепка на Водно и истовремено да обезбеди средства за негова ревитализација“ кажа градоначалникот.
Директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР) Бајрам Реџепи кажа дека штетата ќе биде сведена на минимум и потоа со ревитализацијата на просторот нема ни да се забележи дека тука имало градежни активности.
„Во моментов се градат сите три делници од гасоводот: Штип-Неготино ќе биде завршена до крајот на годината, а на Неготино-Битола и на Скопје-Гостивар преку Тетово се реализирани 25% од градежните активности и ќе завршат до втората половина на 2020 година. Низ Водно треба да помине подземна гасоводна цевка во должина од девет километри, чија широчина успеавме да ја намалиме од 25 на 10 метри. На Водно ќе се сечат помалку од два хектари шума, што е 0,07% од вкупната дрвна маса на Водно, односно 1.400 кубни метри дрво. Теренот потоа ќе се врати во првичната состојба и по неколку месеци, нема ни да се познава дека тука поминува гасовод. Во рекултивација и во пошумување на просторот ќе бидат вложени 42,9 милиони денари“, изјави Реџепи.
Според директорот на Македонски енергетски ресурси, не е возможно да се прифати барањето на невладините организации за преселба на трасата на Скопска Црна Гора, бидејќи тоа не би било добро гледано од еколошки аспект поради тоа што би биле исечени и повеќе дрвја.