
Димитров по средбата со Помпео: Многу важен момент за македонската дипломатија
Министерот за надворешни работи Никола Димитров по средбата со државниот секретар на САД Мајк Помпео придружуван од високиот американски дипломат од Стејт департментот Вес Мичел, изјави дека ова е историски важен момент за македонската дипломатија.
– Ова е многу важен момент за македонската дипломатија. Со државниот секретар Мајк Помпео денеска имавеме средба што силно охрабрува, изјави Димитров.
Тој додаде дека тајмингот на средбата е од огромна важност во пресрет на закажаниот референдум кој ќе се одржи на 30 септември, а на кој граѓаните ќе треба да се изјаснат дали сакаат да влезат во НАТО и ЕУ согласно договорот за решавање на спорот за името со Грција.
– Како што е познато, фокусирани сме на домашните задачи. Потребна е победа на референдумот кој ќе го потврди Договорот што го постигнавме со нашите пријатели од Грција. Македонија има намера да стане рамнопрвна членка на воената алијанса, и нашите американски партнери даваат целосна поддршка во тоа, изјави Димитров.
Укажа дека со вакви охрабрувачки ноти од САД утре се враќа во Македонија лично да ја пренесе пораката до македонскиот народ.
Министерот за надворешни работи најави активна кампања во пресрет на рефернедумот во која преку медиумски и онлајн контакти со јавноста ќе појасни за историската важност на Договорот со Грција и влезот на Македонија во НАТО.
Помошникот државен секретар за европски прашања, Вес Мичел изрази голема поддршка за постигнатиот договор со Грција кој ги отклучува евро-атлантските аспирации на Македонија.
– Како еден од архитектите на Договорот, министерот Димитров играше критична улога во целиот процес. САД силно ги поддржуваат напорите на македонската Влада. Ја цениме улогата што Димитров ја игра во целот процес и САД пожелуваат и се надеваат на успешен референдум, изјави Мичел.
Министерот Димитров во САД се сретна и со членови на американскиот Конгрес, како и со претставници од невладините институции.