
Сенаторите ја поздравија храброста на Македонија да го реши спорот за името
Светла точка на Балканот, вака американсите сенатори кои ги предводат телата во Сенатот поврзани со надворешната политика на САД ја оцениле Македонија на средбата во Вашингтон со шефот на дипломатијата, Никола Димитров. Претседавачот на Комитетот за надворешни односи во Сенатот, сенаторот Боб Коркер и претседавачот на Поткомитетот за европска и регионална безбедносна соработка на Комитетот за надворешни односи на Сенатот, сенаторот Рон Џонсон, на Димитров му пренеле дека земјава има целосна поддршка на патот кон НАТО и од партијата на републиканците и на демократите во Сенатот. Во соопштението на МНР по средбата со сенаторите се наведува дека сенаторите ја поздравиле храброста и одлучноста на Македонија во решавањето на спорот околу името, и истакнаа дека Вашингтон со задоволство ја дочека Спогодбата меѓу Македонија и Грција.
„Нагласија дека Македонија е светлата точка на Балканот која има целосна двопартиска поддршка на патот кон НАТО во Сенатот и САД ќе продолжат и натаму со несмалено темпо да работат на исполнување на евро-атлантската иднина на државата“, стои во соопштеното од МНР.
Од нивна страна била реафирмирана и важноста на македонско-американското партнерство и сојузништво, како и значењето на натамошната поддршка на САД на евро-атлантската иднина на земјава.
Димитров за нешто повеќе од еден час ќе се сретне и со американскиот државен секретар Мајк Помпео, на чија покана е во работна посета на Вашингтон.
Шефот на дипломатијата посетата ја започна синоќа со одделни средби со претставници од Фондацијата Херитиџ, Школата за напредни меѓународни студии при универзитетот Џонс Хопкинс и на Германскиот Маршалов Фонд на САД, на кои се разговарало за македонското зачленување на во НАТО и во ЕУ, со фокус на Договор за името со Грција.
Од Школата ја посочиле Македонија како редок позитивен и успешен пример на Балканот на решавање на отворени прашања, поздравувајќи ја постигната Спогодба со Грција.
„Истакнаа дека Македонија се наоѓа во многу значаен момент за нејзината европска и евро-атлантска иднина и повикаа на мудрост и одговорност на сите во земјата, изразувајќи надеж дека Македонија ќе го заокружи овој важен и предолг процес и ќе ја осигура нејзината стабилност, безбедност и натамошен развој“, се наведува во соопштеноието на МНР за средбата во на универзитето Џонс Хопкинс.
Од фондацијата Херитиџ, како што информира МНР, посочиле дека ќе продолжат и натаму да го промовира и поддржува членството на земјава во НАТО и оти членството покрај стабилност на земјата, ја помага и економијата.
Тамара Грнчароска