
За шест години Скопје ќе ја добие првата подземна сообраќајница
Започнува изградбата на подземна сообраќајница со должина од осумстотини метри, во центарот на Скопје. Ќе се гради под Јужниот булевар.
Ваков проект е новитет за главниот град, бидејќи досега не се градени подземни сообраќајници. Ова е прва од таков тип. Треба да биде изградена за шест години, а целата изведба ќе чини околу 250 милиони евра.
Компанијата „Лимак“ во март 2012 година купи плац зад Старата железничка, за да гради надземен комплекс со површина од околу 300.000 метри квадратни.
Како дел од договорот, тие се обврзаа дека ќе ја изведат сообраќајницата пред да почнат да го градат новиот комплекс во височина.
Според градоначалникот Шилегов, оваа подземна сообраќајница досега требало да биде изградена и во функција. Но, документите за изградба пет години се преместувале од фиока во фиока, низ административните лавиринти на Град Скопје.
„Инвеститорот беше заглавен во постапки и процедури во Градот некаде околу пет години. Претходната градска администрација не успеала да го реши тој проблем. На многу поедноставен и полесен начин граѓаните ќе можат да комуницираат од општина Аеродром и Кисела Вода до Карпош, односно центарот ќе може да биде бајпасиран на многу поедноставен начин отколку што сега се чини дека е“ кажа Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје.
Градските служби поставиле таканаречени бајпас зони, односно, зони за движење кои се протегаат од улицата Железничка до Мито Хаџивасилев – Јасмин. Сето тоа треба да им го олесни движењето на скопјани се додека трае изменетиот сообраќаен режим.
„До сега, бројни беа напорите да се изгради патна врска којашто ќе ги поврзе источние и западните делови од главниот град. Станува збор за врска којашто ќе може да прими голем дел од сообраќајниот проток кој се движи на релациите од Аеродром и Кисела Вода, до Карпош и Ѓорче Петров“
Жителите на Скопје имаат доза на скептицизам околу изградбата на подземната сообраќајница во центарот на градот.
„Потребно му е на Скопје такво нешто. Шест години, тоа е голем проект. По мене, ќе има големи застои тука низ центарот“.
„Не му треба тоа. Ќе ги искрадат парите ако ги дадат за тоа. Ќе нема ништо од тоа“.
Оваа подземна сообраќајница не е единствената којашто ќе се гради во Скопје.
До крајот на првата половина од септември треба да биде објавен тендерот за проектирање на тунелите под Кале, а наредната година тие да почнат и да се градат.
Петар Догов