Собранието е носител на кампањата за референдумот

Правните експерти го делат мислењето дека Собранието како предлагач на Референдумот, треба да биде главниот актер во неговата реализација. За професорот Ристовски, не е спорно правото на Владата, како извршна власт, и таа да биде активен чинител.

Професорот Ристовски се согласува дека секоја партија, здружение или поединец може да води кампања, но со свои пари. Ова прашање во јавноста го наметна Единствена Македонија и групацијата од повеќе помали партии и здруженија, кои тврдат дека колку ќе потроши Владата за уверување на граѓаните да гласаат „за“ на претстојниот референдум, исто толку треба да добијат и тие за да агитираат за бојкот.

А колку пари ќе бидат потрошени за референдумската кампања, се уште е непознаница. На утрешната седница, Владата ќе утврди колку издвоиле министерствата за оваа намена и како тие пари ќе бидат трошени: дали ќе му бидат префрлени на Собранието, дали тоа ќе посочи како да се распределат или Министерството за финансии ќе ги распределува на партиите, според последните измени на Изборниот законик. За утре е закажана и координација кај спикерот Талат Џафери. Собранието ќе одлучува дали ќе води пропаганда, како ќе обезбеди учество на сите партии, дали сите пратеници имаат право на агитирање, кој ќе ја потпише посебната жиро сметка, какви трошоци ќе се признаваат и слично. Ова ќе биде прв состанок во Собранието на тема референдум, иако терминот за пропаганда почна на крајот на јули.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ