
Стоката конечно почна да се продава на соодветна локација во Тетово
Конечно по повод празникот Курбан Бајрам во Тетово стоката почна да се продава на соодветна локација. Привремениот сточен пазар годинава е лоциран на влезот од Тетово, каде Јавното комунално претпријатие го претовараше сметот собран од домаќинствата.
Локацијата ја избра Општина Тетово, откако неколку години наназад животни се продаваа и колеа на импровизирано место кај стариот градски стадион, на само неколку метри населба каде се ширеше неподнослива миризба и опасност од појава на заразни болести.
Сточарите се задоволни од новата локација која е надвор од населено место, и имаат поголем простор комотно да ја продаваат стоката.
Велат дека поради кризата намалена е продажбата, и не може секој да си дозволи за празникот да купи стока. Но месо за празничната трпеза ќе добијат сите верници, верата и традицијата налага курбанот богатите да го поделат со сиромашните
На привремениот пазар во Тетово, стока по повод празникот ќе се продава до четврток кога се прославува третиот ден од Курбан Бајрам.
Од општина Тетово, најавија дека откако ќе заминат сточарите, локацијата ќе биде исчистена, дезинфицирана и вратена во првобитна состојба.
Зоран Димовски