Што ја натера Kомората среде викенд да бара политиката да ги тргне рацете од бизнисот?

Политиката да ги тргне рацете од економијата – среде викенд и во доцни попладневни часови, најголемата и најмоќна бизнис асоцијација, Стопанската комора на Македонија, реши да го испорача ова барање. Преку соопштение се пожалија дека влијанието на политиката е големо, а политичките случувања и одлуки оставале големи траги врз и онака кревката економија.

  • „Да се остави простор приватниот сектор да се развива преку унапредување на својата конкурентност, продуктивност и иновативност. Неопходно е компаниите да се пробиваат на пазарот единствено врз основа на квалитетот – сите претпоставки и шпекулации во спротивна насока можат да предизвикаат штетни последици… Приватниот сектор треба да работи независно од дневно-политичките случувања“, потенцираа од Стопанската комора на Македонија.

Укажуваат и на потребата законите доследно да се почитуваат, а доколку има сомневања, тие да се изнесат пред надлежните државни органи, и целосно да се расчистат, но, велат, без да се обременува јавноста, а и работењето на фирмите.

Ги прашавме во комората што ги испровоцира на вакво обраќање. Велат, се однесува на сите политички партии, кои не прекинувале со прес конференции и препукувања, на кои се изнесувале серија неосновани наводи за компаниите.

  • „Постојано, а особено за време на викенд не малтретираат со обвинувања за приватниот сектор, ги ставаат компаниите во различни негативни контексти, во време кога реално не можеме адекватно да одговориме. Сакаме да предупредиме дека оваа практика мора да прекине. Ние ги застапуваме сите фирми, сите членки нам ни се подеднакво важни“, појаснуваат од СКМ.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ прстот го вперија кон вицепремиерот Анѓушев, кој на оваа позиција беше номиниран токму од комората.

  • „Кога имате вицепремиер за кој беше кажано дека доаѓа од комората и кога наместо за подобрување на приватниот сектор, единствено е познат само по тендери и добивки на неговите компании, тогаш е многу јасно дека приватниот сектор трпи притисоци за лукративни цели на властодршците. Притисоците и заканите се препознатливи за владејачката структура, кај нив се сите „камшици“ за притисок врз приватниот сектор, кои опозицијата ги нема, кај нив се политичките одлуки“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија доадаваат дека кога биле на власт го стимулирале приватниот сектор преку добра даночна политика.

Ова е очајнички обид на ВМРО-ДПМНЕ – да го дефокусираат вниманието на јавноста од позитивните политики на Владата за економијата, вака вицепремиерот ги толкува нападите од опозицијата, вели сега се насочени кон компанијата Брако. Никогаш не сум сакал и барал моите компании да бидат привилегирани, но дали треба да бидат дискриминирани, да не можат да го добијат и она што по закон им следува, прашува Анѓушев.

  • „Изјавата на стопанската комора јас ја сфаќам како изјава со цел да се замолат политичките партии, пред се ВМРО-ДПМНЕ, за време на викенд да не го вознемируваат населението, посебно не компаниите кои работат 20 години, со прес конференции кои немаат никаква смисла. Како ниеден политичар досега јас го објавив мојот анкетен лист, и таму јасно стои дека мојот главен капитал е во моите компании, тие работат 20 години и ќе продолжат и натаму. Реков дека нема да учествувам на тендери каде има конфликт на интереси и каде што можам да одлучувам, и така и направив. Компанијата ЕДС ја продадов. Сега се прави една хистерија, она што се правело порано, со привилегирање на политички фирми, да се поистоветува, но не е така, напротив“, вели вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Одговорно тврдам дека ниту една фирма во земјава, од економските сектори во Владата каде што јас раководам, не трпи ниту еден притисок, по ниту една основа, вели вицепремиерот.

Стопанската комора е на ставот дека нив политика не ги интересира, а компаниите, независно од политичките случувања, треба да се остават на мира да работат.

Нина Нинеска-Фиданска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ