
Тарчуловски бара од судот да го слуша Столтенберг во Собрание
Пратеникот Јохан Тарчуловски бара кривичниот суд да му дозволи на 18 јануари да го напушти својот дом на 4 часа за од собраниско столче лично да го слуша обраќањето на генералниот секретар на Нато, Јенс Столтенберг. Во писмото кое денеска преку неговиот адвокат Апостолски го испратил до судијката на претходна постапка Димишкова, пишува дека е свесен дека собрнаието му го одзело имунитетот за да му биде определен куќен притвор, но додава дека во оваа фаза се уште ја извршува функцијата пратеник.
„Ќе ми биде особена чест и задоволство да го слушам неговото обраќање во Собранието на РМ, бидејќи сум голем поддржувач на нашата интеграција во НАТО и ЕУ. Во таа смисла, сметам дека моето присуство на седницата на која ќе се обрати г. Столтенберг е во насока на реафирмација на моите заложби и ветувања кои ги дадов пред граѓаните на Република Македонија и пред моите гласачи, за целосна и безусловна интеграција на Република Македонија во евро-атлантските структури“, стои во барањето на Јохан Тарчуловски.
Тарчуловски очекува судот да му даде дозвола и затоа што до сега не ја прекршил забраната да го напушти домот.
Во меѓувреме, попладнево скопска апелација ја одби жалбата на Тарчуловски кој бараше укинување на домашниот притвор. Но, не само за него туку повисокиот суд ги потврдил првичните одлуки за пратениците Љубен Арнаудов и Сашо Василевски осомничени во истрагата за „Крвавиот четврток“ кои втор месец се во Шутка. Во притвор останува и Јане Ченто од патриотските здруженија, собрнаискиот обезбедувач Абдулафет Алими познат како спасувачот на Села, Иван Цветановски и Елена Доцевска.
Се уште нема одлука за жалбите на пратениците Крсто Мукоски, Жаклина Пешевска и Љупчо Димовски.
Минатата недела Апелација досега потврди дека во притвор остануваат 11-мина мегу кои министер за внатрешни работи, Митко Чавков, актерот Владо Јовановски, организаторите на протестите за заедничка Македонија, Игор Дурловски и Богдан Илиевски.
Елена Ивановска Мукоска