Унапредувања, значки и благодарници за Денот на АРМ

По предавањето на бајракот на АРМ, новиот началник на генералштабот и официјално стана водач на македонската војска. Генерал мајор Васко Ѓурчиновски од денеска е 12-ти по ред началник на Армијата на Република Македонија. Рече дека и ќе се грижи за војниците и ќе очекува да ги исполнат обврските, кои ги чекаат во пресрет на члеството во НАТО.

Иако со поголем чин, досегашниот началник Методија Величковски отсега ќе биде советник на помладиот генерал. Вкупно три години ја водеше армијата, и сите три со зголемена борбена готовост поради вонредната состојба со бегалците на границите. Напредувавме, рече Величковски.

26-тиот роденден беше прославен не само со промената на началникот туку и со унапредување на највисоките чинови. Нема нови генерали, засега остануваат 11 на број иако формациски има место за 8. Донесени се новите стратегиски планови кои ќе се спроведуваат, сите гледаат кон Брисел, а врховниот командант вели дека вложувањето во одбраната не е трошок туку инвестиција во борба против безбедносните предизвици.

За министерката Шекеринска едно е јасно, на патот кон НАТО се појавуваат нови пречки изразени преку дезинформации и лаги се  со цел да се спречи успехот и на армијата и на државата.

Доколку се оди според планот, 48-годишниот генерал Васко Ѓурчиновски ќе биде началникот на АРМ кога Македонија ќе влезе во НАТО. Тогаш Ѓурчиновски ќе замине повторно во Брисел, каде изминатите две години беше висок воен претставник на АРМ во седиштето на алијансата.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ