
Комисија ќе проверува дали функционери добиле државни пари
Ова е листата на компании коишто добиле државни пари како финансиска помош за развивање на бизнисот. Поделени се во пет категории, а доминираат занаетчиите со своите претпријатија.
Станува збор за вкупно 238.000 евра или не повеќе од 5.000 евра по кандидат, поделени на 81 компанија кои се пријавиле на конкурсот од програмата за конкурентност на Министерството за економија.
Парите легнале на сметките на компанииите пред две недели.
До сега, во ниеден од конкурсите за државна финансиска помош како услов за кандидатура не беше предвиден и составот на сопственичката структура и раководните лица на чело на компаниите.
Министерот за економија, Крешник Бектеши уверува дека во доделувањето на државна финансиска помош не станува збор за судир на интереси.
„Што се однесува до конфликт на интереси за мене лично како министер за економија кој ги потпишува овие средства, јас немам никаков конфликт на интереси со ниедна од компаниите. Ниеден од моите роднини, ниеден од моите блиски не аплицирал за овие мерки“, вели Бектеши.
Како што најави министерот, стручни лица ќе проверуваат дали зад раководните лица на компаниите кои веќе добиле државни пари се кријат и високи функционери.
„Ние како министерство за економија формиравме комисија, а истовремено ќе ја побараме и сопственичката структура на сите 81 компании коишто добиле средства. Ако има некаков конфликт на интереси од други функционери ние ќе ги објавиме“, додаде Бектеши.
Навидум, на листата нема препознатливи фирми врзани за функционери освен Кожувчанка на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев. Таа е меѓу добитниците на средства за надоместување на дел од трошоците на деловните субјекти за сертификација на системи за квалитет според ISO стандарди.
За антикорупционерите, фарса е тоа што сопственичката структура на компаниите не е критериум за добивање државна помош.
„Кога државата преку министерства распишува тендери или можност за фирмите да аплицираат за распределба на средства, а притоа го прави тоа без критериуми, тогаш државата ширум ја отвара вратата за судир на интереси како што е тоа случај со доделувањето на средства од Фондот за иновации на фирми на високи владини функционери и луѓе блиски до власта. Но, ширум ги отвара вратите и за коруптивно доделување на таквите средства. Ова сега што го слушаме дека Министерството тек допрва ќе го преиспитува начинот и постапката на доделување средства кои во најголем дел веќе се потрошени, е приказна за наивни“, вели Воислав Зафировски, поранешен претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Антикорупционерот Зафировски смета дека нема да се случи дека некој кој веќе добил пари, не е за очекување ниту денар да врати.
Петар Догов