
Народна банка ја намали основната камата на 2,75 отсто
Народна банка на Македонија ја олабавува монетарната политика. Ја намали основната каматна стапка од 3 на 2,75 отсто, или за 0,25 процентни поени, соопшти денеска централната банка. Комитетот за оперативна монетарна политика на НБМ информира дека намалувањето на каматната стапка е одраз на континуирано поволните движења на девизниот пазар, кои покажувале солидна надворешна позиција и стабилни очекувања на економските субјекти. Поволни се и поместувањата во депозитната база на банките, што исто така е сигнал за стабилни очекувања и доверба. Комитетот ги задржал досегашните согледувања за здрави економски основи и отсуство на нерамнотежи.
Основната камата на НБМ е репер според кој деловните банки во земјата ги формираат своите каматни стапки, па доколку ги следат сигналите, банките би требало да ги намалат своите камати на заштедите и на кредитите, и да го зголемат кредитирањето.
Според познавачите, ова е еден од начините да заживее домашната економија.