Филипче ги извиси специјализантите, ниту месецов нема пари за нив

И овој месец празни се сметките на приватните специјализанти, два месеци откако министерот за здравство Венко Филипче им вети дека ќе ги добијат парите од мајската плата.

Се ближи вториот семестар од специјализирањето на младите доктори од генерацијата 2018.

Запишувањето на истиот ќе ги чини 70 до 80 илјади денари – трошок кој како што велат е голем удар по нивниот џеб, без платата која им следува, а која никако да ја добијат.

„Го прашуваме премиерот кој е неговиот план, како планира да ги задржи младите лекари во оваа држава?! Без никакви примања и финансиски средства, како ние да формираме семејства тука? Како да останеме да градиме иднина? Бараме да бидеме платени. Доколку тоа не се случи, ние ќе бараме место за подобра иднина. Некоја земја која ќе не цени и некое општество коешто ќе не вреднува“, вели специјализантот Андријана Трајкова.

Во писмо коешто приватните специјализанти го упатија токму до премиерот Заев денес, посочија дека тие навреме ја подготвиле целосната документација.

Се било подготвено за да се испрати до Фондот за здравство од каде што требало да ги одобрат средствата и да ги распределат по клиниките.

Подоцна, до младите лекари стигнала информацијата дека буџет за ветените пари за нив всушност не е испланиран.

По денешната реакција на специјализантите до Владата, Министерството за здравство веднаш соопшти дека обезбедиле пари.

Ова е третпат како специјализантите добиваат ветување дека ќе бидат исплатени, но не им кажуваат кога.

„Министерството за здравство со помош на Владата обезбеди буџетски средства за исплата на приватните специјализанти запишани на јануарскиот конкурс. Исплатата ќе започне штом се завршат процедурите помеѓу ФЗОМ и Клиниките на кои специјализираат приватните специјализанти, односно во најбрз можен рок“, велат од министерството.

Парите од мајската плата за младите лекари, според првичното ветување на министерот Филипче требаше да им бидат исплатени до крајот на јуни.

Постарите генерации на приватни специјализанти веќе добиваат плата за истиот труд и со истите потпишани договори.

Петар Догов

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ