Сенки од минатото

На последната лидерска средба, на која македонските политичари од власта и опозицијата се обидуваа да постигнат договор за битни прашања, наместо политичарите, вест станаа фоторепортерите. Се се случи кога од безбедносни причини, на фоторепортерите не им беше дозволено да ги фотографираат лидерите на политичките партии пред влезот на Клубот на пратеници, каде се одржуваше лидерската средба. Нешто што на претходните лидерски средби беше сосема нормално и од каде фоторепортерите работеа непречено. Меѓу нив беше и фоторепортерот Борче Поповски.

„Ни беше кажано дека од безбедносни причини не смееме да стоиме каде што претходно снимавме лидерски средби и сме работеле. Полицијата ни кажа да се разбереме со протоколот, протокол ни рекоа дека полицијата така кажала и цело време си ја префрлаа топката“, вели Поповски.

Тогаш во знак на протест фоторепортерите ги спуштија фотоапаратите на земја и не ја следеа лидерската средба.

Реагираа сите нвинарски здруженија. Побараа веднаш да им се дозволи на медиумските работници непречено да работат.

„Реагиравме на коментарите и на обидот на фоторепортерите од безбедносни причини да не им биде дозволено да стојат на влезот на објектот каде се одржуваше лидерската средба со недолични коментари од типот молчевте до сега, зар сега најдовте да зборувате“, објаснува Тамара Чаусидис, претседател на Самостојниот синдикат на новинари на Македонија.

Коментарот за кој зборува Чаусидис, всушнот се зборови на Марјан Забрчанец, советник за односи со јавност на премиерот Зоран Заев. Кога фоторепортерите  се пожалија дека до сега фотографирале од тоа место  и дека ваквиот однос е неприфатлив, Забрчанец им рекол „11 години ве газеа – ќутевте. Сега најдовте да зборувате!“. Зборови со кој алудираше на претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ кога медиумите беа под силен притисок и контрола на тогашната власт на Никола Груевски.

„Реакцијата во врска со 11 годишното газење беше реакција на вербален напад врз мене дека сме ги газеле новинарите. Јас не можам да се согласам со тоа и никогаш нема да се согласам бидејќи ние дејствуваме спротивно на таквиот начин на однесување и се залагаме за професионалност и слободно известување на сите медиуми“, вели Забрчанец.

Ден по настанот, на нова лидерска средба на фоторепортерите им беше дозволено да фотографираат од старата локација, на влезот на Клубот на пратеници.

Забрчанец вели дека недоразбирањето веќе е надминато.

„Во координација со безбедносните служби најдено е решение дел од медиумите кои сакаат ќе можат да фотографираат и на влезот и внатре, согласно безбедносниот протокол“, објаснува Забрчанец.

Целиот спор заврши и со заедничка фотографија пред Клубот на пратеници. И снимателите и новинарските здруженија сакаат да веруваат дека станува збор само за недоразбирање, а не за неразбирање на работата на медиумските работници. Од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) предупредија дека овие инциденти претставуваат директен напад врз слободата на медиумите и обид да се криминализира работата на медиумските работници, кои пред јавноста треба да се претставуваат како опасни луѓе. Ако имало безбедносни причини за воведување нова практика на следење јавни настани, тогаш, полицијата навремено требала да ги извести фоторепортерите и снимателите за тоа и да обезбеди алтернативен начин на покривање на настаните без да се предизвика забуна и нервоза. Ваквите непотребни инциденти, реагира ЗНМ, сериозно ја компромитираат и заложбата на новата власт за транспарентно и отчетно владеење и ни ги враќаат сенките од минатото.

Марија Дивитарова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ