
Децата питачи во лавиринтите на надлежните институции
Згрижувањето на децата питачи во дневните центра во надлежност на Центарот за социјална работа е само неколку часовно решавање на проблемот и нив повторно можете да ги видите на улица. За да се спроведат мерките за нивна социјална заштита најпрво тие лица треба да бидат формално евидентирани со што ќе бидат видливи за правниот систем, по што би следела нивна интеграција и системско решавање на проблемот.
„Имајќи ги предвид овие причини ние како институција во текот на 2017 та година доставивме иницијатива до Владата на Република Македонија за измена и дополнување на Законот за вонпарична постапка во која го изнесовме нашиот став дека е потребно да се воспостави една посебна глава постапка за утврдување на време и место на раѓање во Законот за вонпарична постапка со што ќе се надмине проблемот со лица незапишани во матична книга на родени. 06:20 Владата на Република Македонија потврдно одговори на оваа иницијатива исто така потврдно одговорија и надлежните министерства“, вели заменичката на Народниот правобранител Васка Бајрамовска.
„Кога веќе би имало лична документација тогаш кога се оди на второто ниво за социјална заштита може да се направи добар демографски пресек за да се види кои се тие карактеристики на оваа ранлива категорија кои може да се стават во функција за одржлив социјален и демографски развој на долгорочно ниво“, вели социологот м-р Јане Трпковски.
„Втора мерка која што би требало да се направи кај родителите коишто веќе имаат оформено основно образование со помош на Министерството за труд и социјала и Агенцијата за вработување да има еден пакет мерки за вработување на барем еден член од семејството кој што има основно образование за да може тоа семејство да обезбеди егзистенција“, вели Наташа Станоевиќ, в.д директор на Центарот за социјална работа на град Скопје.
За Трпковски ваквото решавање на проблемот е дискутабилно бидејќи најголем дел на оваа ранлива категорија група граѓани немаат формално образование. Тој го посочува моделот на англиската социјална политика: да се даде можност за обуки и работа на секое лице согласно психосоцијалните карактеристики и личните потенцијали.
„Кај оваа категорија на сирмоштија, апсолутната сиромаштија ние имаме култура на репродукција на бедата значи дека децата по моделот на учење ги повторуваат постапките од претходните генерации“, вели Трпковски.
Се додека надлежните институции талкаат низ лавиринтите по најдоброто решение, граѓаните секојдневно се соочуваат со дилемата дали да дадат пари на овие деца или да ги послушаат надлежните институции дека тоа е само продлабочување на проблемот.
Нина Стефанова