
На Матка врие од молци, доцна е за дезинсекција годинава
На Матка како во сцена од филм – мали, бели инсекти кои наликуваат на пеперутки долетуваат од сите страни. Не се случува за првпат во населбата и околните села да се појават овие бели инсекти со кафеави завршетоци, кои се наречени шимширови молци.
Жителите на Матка велат дека богатиот растителен свет во нивната околина трпи штети, а за тоа виновни се токму молците.
„Пред две години за првпат ги приметивме, на едно дрво кое се вика зеленика. Во рок од две години, исушено е најјакото дрве кое опстанува и во зима. Но, молците ги уништија сите дрва и стануваат пеперутки. Ги има многу. Ние користиме средства, спрејови за муви, апарати на струја кои се против комарци, но овие мислам дека немаат гајле од вакви работи“, вели Бајрам Сулејмани, жител на Матка
Откако за првпат ги виделе, жителите истражувале и осознале дека животниот век на инсектите е речиси едно деноноќие. Но, тие брзо се размножуваат, па затоа ги има во огромен број. Дел од нив изгазени и расфрлани по патеките на Матка, а деллетаат помеѓу лисјата во грмушките.
Веќе две години по ред на Матка се појавуваат овој вид на молци коишто наликуваат на пеперутки. Тие се штетни за дрвјата. Од службите на Градот велат дека веќе е доцна за дезинсекција, а за прскање со инсектициди ќе размислуваат од наредната година.
За дезинсекција е доцна поради тоа што периодот на расплод и на ларви кај молците е завршен. Минатата година за првпат се појавија на Матка, а годинава се забележани и во парк-шумата Водно.
„Годинава ја согледавме таа појава. Веќе е доцна да се врши заштита на тоа подрачје. Службите на Градот во периодот којшто претстои ќе ги лоцираат точно местата, со цел во следната сезона да го спречиме нападот на молците“, вели градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.
Во програмата на Град Скопје не е предвидено третирање на други форми за инсекти освен за комарците, а за дел од дезинфекцијата задолжени се и Општините.
Петар Догов