
Царината ќе може да блокира сметки на граѓани
Царината ќе може директно да блокира банкарски сметки на граѓани кои имаат царински долг. Од тие причини и за Царинската управа, со најавените измени на Законот за банки, за кои деновиве се крена бура во јавноста, се симнува банкарската тајна на трансакциските сметки. Но од Царината тврдат, сметките нас не не интересираат, ова е само начин како присилно да го наплатиме царинскиот долг.
Царинската управа и досега имаше право да ги блокира сметките на фирмите, но не и на физичките лица. Кога Царината од КИБС ќе го побарала бројот на трансакциската сметка на некој граѓанин, од таму ја одбивале, со образложение дека за тоа немаат законска основа. Затоа постапката досега се вршела преку Управата за јавни приходи.
„Царинската управа не бара увид во трансикциските сметки на физичките лица, туку едноставно Царинската управа бара да постапи согласно својата надлежност според Царинскиот закон да изврши присилна наплата кон физички лица кои имаат одреден долг кон царинската Управа. Царинската управа не бара да има увид во трансакциската сметка на граѓаните, туку она што досега го правеше преку УЈП да врши блокирање на сметката, односно наплата на царинските давачки да го прави самата“, вели директорот на Царинската управа.
Царината и досега процесуирала барања до банките, но добивала одговор дека нема законски основ по кој може да се изврши блокирање на сметката на физичко лице. Затоа Царината за овој проблем го информирала Министерството за финансии, од каде ги предложиле измените на Законот за банки.
Според податоците на Царината, во моментов има околу 100 физички лица со царински долг од вкупно два милиони денари, за кои од банките треба да се побара блокирање на трансакциските сметки.
Од Дирекцијата за заштита на личните податоци, пак, вчера предупредија дека овие законски измени кои се однесуваат на Царината, ќе треба да се избришат, бидејќи не се во согласност со начелата на пропорционалност и неопходност.
„Присилна наплата на царински давачки ќе може да се реализира, но со соодветни измени на Законот за Царинска управа, каде што ќе се предвидат законски можности за обезбедување на податоци од регистарот кој се води од КИБС“, велат од Дирекцоијата за заштита на лични податоци.
Од Царината уште една новина – намалени се глобите за царински прекршоци и се воведува мандатен платен налог, со измените на Царинскиот закон кои деновиве стапија на сила. Од Царината велат дека со ова се излегува во пресрет на барањата на бизнисот. Мандатните казни кои се за лесни прекршоци, технички или административни, и кај нив нема простор за жалба, значајно се намалени, и тоа за фирмите – од 250 сега се сведени на 50 евра, а за физичките лица од 50 на 15 евра. Кај средните прекршоци, пак, кои имаат фискален ефект, фирмите сега имаат можност да го оспорат прекршокот и да се жалат до Царинската управа, па до Државна комисија, и на крајот до Управниот и Вишиот управен суд. Со ова, вели Танасоски, се намалува просторот за субјективност на царинските службеници и нивна корупција, а беше една од главните забелешки на ЕУ, како форма на притисок врз компаниите.
По основ на глоби и мандатни казни Царината во 2016 наплатила 1,3 милиони евра, а од почетокот на годинава таа сума е 442 илјади евра.
Од почетокот на годината до крајот на јули наплатила буџетски приходи при увоз и внатрешен промет од 790 милиони евра, што е раст од 11,9 проценти во однос на тој период лани, или 4,8 проценти во однос на планираните приходи.
Нина Нинеска-Фиданоска