Видливи резултати и неповратни промени ќе бидат клучни за евроинтегрирањето

Западниот Балкан се враќа во фокусот на Европската унија преку приоритетот кој му го дава Бугарија во својата програма како претседавач до јули. Притоа Бугарија ја поддржува европската перспектива на земјава и напорите на владата, на институции, граѓанското општество, опозицијата, да ги исполнат неопходните услови за добивање на покана за преговори. Ова денеска го подвлече бугарскиот амбасадор во Македонија презентирајќи ја програмата на Софија за шестмесечното претседавање со Унијата. Петков пред собраниската Комисија за европски прашања рече дека тоа е можно со спроведување на неодложните реформи и со решавањето на отворените прашања во согласност со договорот од Пржино и препораките на Прибе.

„За тоа треба да водиме две борби на терен. Едната е стратешка, упатена кон ограничување на потенцијалните закани од надвор кои би можеле да ја дестабилизираат земјата и регионот. Втората е поврзана со неодложното спроведување на реформите преку инклузивност и оптимизиран парламентарен дијалог со учество на опозицијата.

„Двете се меѓусебно поврзани, ако не успееме во едната борба, се што е постигнато во областа на реформите ќе пропадне и земјата ќе биде во опасност да влезе во сериозна стагнација“, изјави Иван Великов Петков, амбасадор на Бугарија во Македонија.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар пред Комисија, на која присуствуваше речиси целиот дипломатски кор земјава, рече дека 2018 година е клучна за консолидирање и повторно воспоставување на  европската интеграција. Во контекст на Македонија рече дека реформите подразбираат постојан дијалог меѓу власта и опозицијата, академската јавност, граѓанскиот сектор. Во име на Брисел Жбогар рече дека очекува враќање на опозицијата во Собранието со што таа би го започнала своето активна и конструктивно придонесување кон европската агенда.

„Во овој период она што се очекува е не само усвојување и прилагодување на легислативата, туку и остварување на видливи резултати и видливи и неповратни промени, вклучително и промени во однесувањето. Напредокот ќе се мери според имплементацијата на договорот од Пржино и итните реформски приоритети, како и добрососедските односи“, рече Самуел Жбогар, амбасадор на ЕУ во Македонија.

Тој притоа му порача на Собранието дека има клучна улога во реализација на европската агенда преку контрола на владата, конструктивна дебата, транспарентност, предвидливост во неговата работата, и оти улогата му е многу повеќе од носење закони.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи во име на владата посочи дека не можеме да очекуваме внатрешни проблеми да ни ги реши некој друг и оти реформите треба самите да ги спроведеме. За него јануари и февруари се месеци во кои треба да покажеме јасни резултати од сите чинители во сите сегменти на реформите. Секој вид на опструкција на овој процес во овие одлучувачки моменти, според Османи, ќе претставува опструкција на нашата иднина како држава.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров рече дека во 2018 Македонија ќе направи се што може за да го фати европскиот воз, преку ефикасни и ревносни реформи и да се направи се што се може за да се реши и големата разлика околу името.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ