
Ратификуван Договорот за добрососедство со Бугарија
Македонија и Бугарија ќе развиваат сестрани односи во согласност со принципите на меѓународното право и добрососедството, ќе поттикнуваат заеднички инвестиции, правни, економски, трговски, транспортни, туристички, културни и други видови соработка и ќе организираат заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, a Македонија нема да се меша во внатрешните работи на соседната држава за да штити статус и права на лица кои не се нејзини државјани.
Ова се дел од обврските што произлегуваат од ратификацијата на Договорот што симболично се случува на денот кога Бугарија ја призна Македонија под уставното име, како што потсети министерот Димитров. Вели дека Договорот е значаен бидејќи двете страни се охрабриле да излезат од привидната безбедност на рововите во регионот оптоварен со историја.
Договорот беше ратификуван со 61 глас за и со воздржаниот глас на професорот Ферид Мухиќ. Тој смета дека македонската Влада направила невообичаени отстапки за да ја нагласи својата добра волја.
Во гласањето не учествуваа пратениците од коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ. Артан Груби рече дека ДУИ и целата заедница на албанците даваат целосна поддршка за затворање на отворените прашања со соседите, бидејќи со тоа, суверенитетот и унитарноста на Република Македонија стануваат неприкосновени. Со ваквите ставови, а и со содржината на Договорот, не се согласува Семакедонскиот национален совет, кој организираше мал протест пред Собранието.
Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија беше потпишан на 1 август минатата година од премиерите Заев и Борисов. Бугарското Собрание го ратификуваше пред два месеци.
Соња Николовска