
На Македонија и недостига државна стратегија за руралниот туризам
Согласно последните анализи на европско ниво, руралниот туризам директно или индиректно креира над 900.000 работни места, во Македонија евидентиран е само еден вработен во еден сместувачки капацитет. Македонија во моментот нема стратегија за развој на рурален односно селски туризам.
Претходната е со поминат рок и важење од 2012 до 2017 година. Овие недостатоци ги покажало истражувањето кое го спровело невладината организација “Рурална коалиција”. Македонија како рурална држава има потенцијал за развој на ваквиот вид туризам. Ова го препознала и Катарина Георгиевска која веќе 10 години угостува туристи во куќата во селото Оморани, велешко. Иако не потекнува од село, љубовта кон природата ја натерала во селото да гледа бизнис иднина.
Државата нема единствена дефиниција согласно стандардите на Светската туристичка организација и критериуми за тоа што е рурален туризам, нема ниту официјални бројки колку капацитети има во државата, ниту за тоа колку туристи ги посетуваат овие капацитети. Сопствениците на сместувачки капаците во руралните средини ја истакнале и потребата за посебен закон со кој ќе се регулира дејноста “рурален туризам”.
Истражувањето покажало дека 96 проценти од сопствениците на капацитети во рурални средини не знаат за државна стратегија и помош во развивање на руралниот туризам.
Последните три години пропаднаа пет милиони денари за поддршка на руралниот туризам што можеа да се искористат преку Министерството за економија. Годинава на располагање се 1,5 милиони, а рокот за аплицирање трае до 30 септември 2018.
Јордан Дуков