
Експертите контра ДИК: Пропаганда може да води само предлагачот
Дел од експертите не се согласуваат со ДИК дека секој заинтересиран граѓанин или друг субјект може да води кампања за референдумот. Поранешниот заменик претседател на ДИК и универзитетски професор, Субхи Јакупи, смета дека Законот за референдум јасно посочува кој ја води пропагандата: само овластениот предлагач.
Поранешната претседателка на ДИК, судијката од Стразбур Мирјана Лазарова-Трајковска се согласува дека јавната пропаганда е законска обврска на Собранието. Но, во интервју за порталот „Мкд.мк“, таа очекува сепак да се даде простор за различните ставови на пратениците.
„Овластен предлагач е Собранието. Тоа, според мене, подразбира дека за добробит на политичкиот плурализам, и опонентите видени преку собраниските пратенички групи кои не се потпишани на предлогот имаат право да учествуваат во кампањата. Во таа насока го читам и Кодексот на добри практики за референдуми на Европската комисија за демократија преку правото“.
Од Собранието нема одговор како ќе ја водат кампањата и колку таа ќе чини. Пратениците се враќаат од одмор на 20 август и веднаш ќе имаат координација токму по ова прашање. Професорот Јакупи вели дека би требало да формираат некаков штаб за да ги координира активностите во кампањата, да отворат жиро сметка, да го овластат спикерот Џафери како нејзин потписник и да поднесат извештај за трошоците.
Првиот човек на ДИК, Оливер Деркоски, смета дека секој пратеник, ако располага со средства, може да води сопствена кампања.
Врз основа на мислењето на ДИК, Владата најавува дека од понеделник, кога за неа завршува годишниот одмор, ќе ги интензивира активностите преку различни канали. Начините за реализирање на кампањата, велат од Владата, ќе се дефинираат врз основа на Законот за референдум. За тоа ќе користи средства во согласност со принципите на јавниот интерес, се вели во соопштението од Владата.
Соња Николовска