Град Скопје тврди дека навреме почнале со прскање против комарците, граѓаните не се убедени

Скопјани во секојдневна битка со комарците, а од Градот апелираат дека се преземаат мерки и покрај обвинувањата дека тие се задоцнети.

Градските власти уверуваат дека дезинсекција се врши во текот на целото лето, а активностите се насочуваат според временските услови.

Но, не стивнуваат реакциите на жителите. Најгласни се на социјалните мрежи, каде се шегуваат на сметка на властите.

По реакцијата на лекари од Институтот за јавно здравје дека превентивното прскање против комарци требало да започне напролет, а не сред лето, несоодветно менаџирање со роковите покажува и дел од тендерската документација.

Документи на Државната комисија за жалби по јавни набавки покажуваат дека на шести јули, Град Скопје се уште немал дозвола да потпише договор со избраниот најповолен понудувач за Огласот за превентивна дезинсекција против возрасни форми на комарци и против ларви од комарци, бидејќи одбиено било нивното барање.

Од Кабинетот на Градоначалникот признаваат дека документацијата за овогодинешниото прскање не била комплетирана навреме, но започнале со дезинсекција затоа што им останале инсектициди од лани.

Уверуваат дека нема поместувања во распоредот за прскање. Првата фаза започнала на 3 јули и траела до 16ти.

„Барањето до Државната комисија за жалби по јавни набавки се однесува на еден дел од Огласот, односно набавката на средство за дезинсекција. Постапката за преостанатите два дела од набавката веќе беше завршена и договорите потпишани, а со тоа ни беше овозможено да пристапиме кон дезинсекција со средство од минатогодишната залиха“ е ставот на Град Скопје.

По бројните реакции од граѓаните, но и според редовниот распоред на градските служби, деновиве се изведува ново прскање против комарци.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ