
Секој може да врши пропаганда за референдумот
Владата, партиите, здруженијата на граѓани и секој поединец имаат право да водат сопствена пропаганда и да ве убедуваат да гласате за, против или да го бојкотирате претстојниот референдум. Ваков став ДИК изградила во согласност со Законот за референдум и со праксата во другите земји.
Субјектите немаат обврска да се пријават во ДИК и да отворат посебна жиро сметка. Трошењето државни пари ќе биде контролирано од други институции, вклучувајќи ги и трошоците на Собранието. Тоа е овластен предлагач и според Комисијата, треба да добие посебен простор во медиумите, додека другите што водат кампања ќе плаќаат по пазарни цени.
Комисијата тврди дека ажурирањето на Избирачкиот список се врши континуирано и дека само низ управна постапка може да се утврдат евентуални злоупотреби со адреси и со лични документи.
До денеска напладне, во 50-те дипломатско-конзуларни претставништва се пријавиле 158 граѓани од дијаспората. Над 10 пријави веќе има во Берн, Виена, Љубљана и Торонто. Тие што ќе одлучат да гласаат надвор од Македонија, ќе се водат на посебен список и го губат правото на 30 септември да гласаат во земјата.
Соња Николовска
https://youtu.be/V3T99S7ih30