
И по 17 години нема споменик за бранителите од Карпалак
И 17 – годишнината од загинување на 10- те прилепски бранители кај Карпалак, се одбележа пред малата спомен плоча поставена на банкината од Автопатот Скопје – Тетово.
Бранителите и лицата кои го преживеаа нападот велат дека ќе помине и втората деценија од масакрот, но надлежните не презеле мерки да им се оддаде почит на загинатитe на достојно спомен обележје. Се пожалија дека државата ги заборавила луѓето кои ја бранеа државата. Голем дел од нив не се обештетени и се без здравствено осигурување.
Стојанче Ангелов бранител од 2001 година сега како преставник на владина делегација, рече дека власта ќе излезе во пресрет на барањата на бранителите ако се издржани.
Букети свежи цвеќиња на местото на трагичниот настан, положија делегации од собранието, претседателот, Министерството за одбрана, преставници на семејствата на загинатите, политички партии и здруженија. Од одборот на бранители, истакнаа дека нивна должност е да ги чествуваат и организираат ваквите настани, иако политика прави обиди да се заборават ваквите настани,
Крвавиот масакр кај месноста Карпалак се случи на денешен ден во 2001 година околу 10 часот. Конвојот на АРМ беше подмолно нападнат од заседа, при што беше погодено едно транспортно возило на АРМ, во кое беа 8 војници и двајца офицери, сите од резервниот состав на армијата.
Зоран Димовски