За обештетување за косовските царини – мора доказ од Биро за судски вештачења

Нема да им биде лесно на земјоделците кои ќе решат да побараат обесштетување од државата за претрпените загуби од повисоките косовски царини. Иако од Владата неодамна ветија дека ќе најдат начин да им помогнат на производителите, сега од Министерството за земјоделство со малку поинаков став – доколку сака обесштетување – земјоделецот ќе мора да достави доказ за штетата од Бирото за сусдки вештачења. Од Земјоделство процениле дека вкупните загуби изнесуваат 180 илијади евра или 2 илјади тони нереализиран извоз, за периодот од 18 до 31 јули колку што важеше одлуката на косовската Влада.

„За да дојде до некое обесштетување, тоа мора да биде направено според Законот за земјоделство, и ако оди според тој закон, тогаш таму е јасно кажано, тоа мора да биде направено според Биро за судски вештачења. Не верувам дека некој земјоделец ќе посегне по таква постапка, бидејќи тоа е сепак, еден чекор, не е лесно да кажете дека тој и тој Х земјоделец има направено толку и толку штета и која е гаранцијата и како да дојдеме ние до тоа дека тој производ бил наменет за косовскиот пазар и слично…  Доколку некој има ваква изјава, има направена анализа од Бирото за судски вештачења, држи опцијата да се размислува, а инаку некој да пријави штета, таква работа не можеме да направиме, а не ни дозволува ни Законот“, вели Трајан Димковски, шеф на Кабинет во Министерството за земјоделство.

Според него, таа стока што не беше извезена на Косово, не значи дека воопшто не била продадена. Во земјоделство досега не добиле жалба од било кој земјоделец дека фрлил одрдедена голема количина стока на Дрисла или на друга депонија.

Земјоделците се разочарани, велат дека на овој начин барањето обесштетување не да е отежнато, туку е практично неизводливо.

„Ако министерството за земјоделство планирало на тој начин да го направи обесштетувањето, тогаш требаше ова известување да го дадеа веднаш откако Косово ги зголеми царините, за тогаш да знаеја земјоделците како да постапат. Тогаш земјоделците ќе имаа време да ги повикаат комисиите за сусдки вештачења, за да се проценат штетите. А по завршената работа, сега ова е апсурдно и неизводливо. Јас сум убеден дека нема ни еден земјоделец да посегне по таа мерка и од обесштетувањето нема да биде ништо. Исто така, секое судско вештачење се плаќа“, вели Шаклев.

Според него, многу е тешко да се докаже дали стоката била наменета за косовскиот пазар, бидејќи обично трговците од Кванташки купуваат стока од различни производители и кога ќе наполнат камион го носат за Косово. Тоа го можат само директните извозници. Исто така, според Шаклев, земјоделците не можат да докажат дека ја фрлиле стоката, бидејќи се работи за брзо расипливи производи.

Откако на 18 јули Косово ги зголеми царините за 30 отсто, голготата на земјоделците траеше околу две недели, а тоа ги симна значајно и цените на овошјето и зеленчукот, но тие сега се зголемени на зелените пазари. По бројни преписки и состаноци на минситрите од регионот, најмногу изгледа помогна барањето на Европскаста комисија до Косово итно да ги повлече заштоитните мерки.

Нина Нинеска Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ