Осум реномирани екипи ќе играат на турнирот „Струга 2018“

Струшкиот ракометен турнир го враќа стариот сјај. Годинава со зголемен број учесници и квалитетни екипи од 15 до 19 август РК Струга ќе го организира 46 издание од традиционалната меѓународна манифестација. На игралиштето „Женска плажа“ ќе продефилираат турски Бешикташ, Целје од Словенија, француски Тулуз и македонскиот клуб, Еурофарм Работник во една група и во втората Констанца од Романија, шведски Алингсас, Железничар од Србија и домаќинот Струга.

И оваа година турнирот го помогна Агенцијата за млади и спорт.

„АМС секогаш ги помага настаните кои ја промовираат Македонија. Задоволство ми е што сме главни покровители и на овој традицуионален турнир за кој сум убеден дека ќе биде на високо ниво. Ракометот е спорт број 1 во нашата држава и верувам дека тоа ќе биде потврдено и на претстојниот турнир во Струга“, изјави Дарко Каевски, директор на Агенцијата за млади и спорт.

Претседателот на РК Струга и поранешен македонски репрезентативец Наумче Мојсоски очекува турнирот да го врати стариот сјај.

„Осумте реномирани екипи кои ќе учествуваат на 46. издание се гаранција дека турнирот го враќа високото ниво, а во тоа ни помогнаа АМС и Ракометната федерација на Македонија. Очекувам квалитетни натпревари во кои публиката ќе може да ужива“, изјави Мојсовски на денешната прес-конференција.

Покрај главниот настан вечерта пред финалето на 18 август ќе биде одигран македонскиот Супер куп во кој за титулата ќе се борат шампионот Вардар и вицепрвакот Металург.

Организаторот соопшти дека влезниците за еден ден ќе се продаваат по симболична сума од 50 денари, а средствата кои ќе ги соберат ќе бидат донирани во центарот за дијализа во Струга.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ