
Две години од трагичната поплава во Скопје, тагата и болката се уште свежи
Две години по поплавите кои ги погодија селата Стајковци, Арачиново, Синѓелиќ и населбата Ченто кои однесоа 22 животи и оштетија над 5000 домаќинства граѓаните на овие населени места се сеќаваат дека тој ден ништо не навестувало дека ноќта ќе биде страшна и кобна. Тоа не го насетувал ниту Јаким Илиевски од селото Стајковци кој со својата сопруга Нада се враќал од Трубарево каде што бил во посета на нивната ќерка која живее таму. Иако целиот свој работен век го поминал како возач, не можел ни да насети дека токму на пат ќе го стигне најголемата трагедија во неговиот живот. Невремето ги затекнало на обиколницата. Огромните два брана кои се судриле на обиколницата го одзеле животот на неговата сопруга, а тој самиот не знае како се спасил.
Го пронашле тројца млади кои му фрлиле јаже и го спасиле, а подоцна во ноќта дознал дека неговата сопруга починала.
Градежните експерти по поплавите тврдеа дека пропустите на обиколницата немале доволно пропусна моќ да ја акумулираат надојдената вода од планините во правец на селото Црешево, а хидрометеролозите невремето го опишуваа како појава која се случува еднаш во 1000 години.
Иако неговата куќа поминала речиси неоштетена, поради трагедијата што ја преживеал со загубата на сопругата и две години по поплавите тој со страв гледа во небото при секој посериозен дожд. Така било и пред една недела, кога врнело неколку дена.
Јаким со тага во очите раскажува дека овие се тешки две години без неговата сопруга, вели материјалната штета и ќе ја заборавам, но загубата на сопругата, траумите и душевната болка тешко се лекуваат.
Јордан Дуков