
Сомнителните случаи со конкурирање за државна помош да се расчистат, порачува Стопанската комора
Целосно да бидат расветлени сите сомнителни случаи, како што беа оние за кои јавноста алармираше дека компании на високи државни функционери конкурираа за добивање на државна парична помош. Стопанската комора на Македонија укажува дека при користењето на буџетски пари, мора да се обезбедат јасни правила кои ќе ги спречат евентуалните пропусти.
„Комората претпочита доследно почитување на законската регулатива и надоградба на принципите на нормирањата, кои ќе овозможат било каква сомнителна ситуација да се расчисти. Целосна поддршка имаат и надлежните институции во насока на расчистување на прашањата кои беа покренати во јавноста“, вели Љупка Трајковска од Стопанската комора на Македонија.
Сепак, најмоќната бизнис асоцијација во земјава, Стопанската комора, денеска излезе со серија пофалби за Законот за финансиска поддршка на инвестициите, донесен во мај годинава, со кој Владата им доделува буџетски субвенции на фирмоите што остваруваат профит, извоз, инвестиции и нови вработувања. Велат, со овој закон конечно светлоста на денот ја виделе нивните барања уште од 2011 година, со што успеала мисијата на Комората. Очекуваат дека законот ќе го спречи долгогодишниот пад на индустријата, бидејќи од 2006 до 2016 година двојно е намалено учеството на индустријата во создавањето БДП, од 32 на 15 отсто, а бројот на конкурентни, извозни производи, од 675 е сведен на 461.
Власта покажала дека е подготвена за дијалог со бизнисот и за прв пат вложува буџетски средства за поддршка на приватниот сектор, по транспарентни и еднакви критериуми за сите фирми, и домашни и странски. Само големите и успешните компании ќе обезбедат забрзан и одржлив раст, велат од Комората, од каде всушност доаѓа вицепремиерот Кочо Анѓушев, клучниот промотор на овој закон.
И покрај пофалбите, од 600 компании кои ги исполниле критериумите, само 182 аплицирале за пари според овој Закон, бројка која според Комората не е лоша, но е далеку од доволна. Затоа СКМ во наредниот период ќе ги анимира сите успешни компании да бараат државна помош, првите 100 компании што потпшаа договори, се сметаат само како почеток на целиот процес.
„Комората во наредниот период ќе направи директни посети на компаниите кои се корисници на овие државни средства, ќе укаже на потребата компаниите доследно да ги почитуваат договорните одредби и да спроведат доследна примена на Законот“, вели Трајковска.
Од државата комората ќе бара и дополнителни вложувања за бизнисот за оваа година, а тие да продолжат и во наредниот период.
Нина Нинеска Фиданоска