
ДУИ го обвини Таравари за незаконско работење во Гостивар
Јавните тендери на Општина Гостивар отворија војна меѓу ДУИ и гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари. Од гостиварскиот огранок на ДУИ преку повеќе соопштенија испратени до медиумите, посочуваат дека локалната власт на чело со Таравари, направила сериозни злоупотреби и прекршувања на тендерските постапки.
„Таравари јавно наведува дека јавните набавки се направени на совршен начин и во согласност со законот, но надлежните институции се изјасниле поинаку. Државната комисија за жалби на јавните набавки, донесе решение во кое се констатирани повреди во однос на јавните набавки за хоризонтална сигнализација на улиците и патиштата во Гостивар. Поради утврдување на повреда на Законот за јавните набавки, комисијата ја укина одлуката за избор на најповолна понуда и ја поништи постапката“, реагира огранокот на ДУИ – ГОСТИВАР.
Од гостиварскиот огранок на партијата на Ахмети, изразуваат и сомнеж за тендерот за изработка на идејно решение за Авка парк во Гостивар, за кој велат дека е доделен на фирма која го подготвила проектот пред да биде објавен огласот. Според огранокот, во концептуалниот дизајн на компанијата која ја добила јавната набавка, јасно се гледаат фотографии, направени за време во зимската сезона, а тендерот како што велат бил објавен во мај.
Гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари ги отфрли сите обвинувања. Посочи дека локалната самопурава работи според законот а, тоа може да се провери.
Тој ги повика граѓаните дека можат да ги следат јавните набавки, да се информираат и да направат увид во документите, а доколку забележат неправилности да пријават во надлежните органи.
Зоран Димовски