
Се решава прашањето со регионална депонија на Југоистокот
До крајот на август треба да се заврши изградбата на времената депонија кај Ново Конско во Гевгелија. 31 август е рокот во кој треба да финализираат изведбените инфраструктурни работи. Од општината велат дека остануваат отворени неколку прашања околу финансирањето на одредени инвестиции кои се потребни за самата депонија, за чија изградба јапонската влада даде грант од 1.1 милион евра.
Депонијата треба да има и систем за рециклирање на отпадот по најсовремени стандарди, бидејќи во иднина оваа депонија ќе функционира во рамките на регионалната депонија Шапкар, којашто треба да ги опслужува 10-те општини од југоисточниот регион, а ќе биде во близина на Струмица, кај селото Добрашинци.
Изминативе години Југоистокот преговараше со австриската компанија Аса којашто требаше да биде концесионер на депонијата Шапкар. Преговорите пропаднаа поради високите цени за комунални услуги коишто требаше да ги плаќаат граѓаните, а за што не дадоа согласност градоначалниците, оценувајќи дека ќе биде говар на семејните буџети на граѓаните.
Во март годинава, Владата најави дека ќе бара локации и преку јавни-приватни партнерства ќе гради регионални депонии во државата.
Сузана Мицева