
Македонците и натаму со најниска плата во регионот, синдикалците бараат уште повисока минимална плата
Македонците се уште немаат среќа како Словенците, кои во мај земале просечна плата од 1.078 евра месечно. Босанскиот портал Бизнис инфо објави истражување според кое, од поранешните ју републики, Словенија е единствена земја во регионот со плата повисока од илјада евра. Но, нашите граѓани засега ја немаат среќата ниту на другите блиски држави – со плата од 399 евра, земјава и натаму е на дното на листата. Просечната плата во Хрватска во мај била 867 евра, во Црна Гора 511, па следува Босна и Херцеговина со просечна плата од 449 евра. Иако за малку, со 426 евра плата, подобри од нас се и Србите.
Зошто Македонија и натаму заостанува со животниот стандард? Од Синдикатот генерално сметаат дека вината треба да се бара кај претходните власти, во чие време просечната плата годишно се зголемувала само по 200 денари. Изостанале реформите, а немало ни инвестиции ни нови вработувања. Но, синдикалците со порака и за новата Влада, а и за газдите.
„Оваа Влада, точно е дека ја покачи во првата година платата за 2000 денари, но очигледно е дека работодавачите не ја сфатија пораката. Ниту еден не направи скалесто, односно коефициентно зголемување на платите. Оној, на пример, со коефициент 3, ако тоа се помножи со 12 000, треба да зема 36 илјади денари, а на тоа да следува и стаж, минат труд и прекувремена работа“, вели Драги Јовановски, претседател на Мултиетничкиот синдикат.
Затоа, вели тој, Владата ќе мора повторно да интервенира со ново зголемување на минималната плата. Според него, од 12, таа ќе треба да се зголеми на 15 или 16 илјади денари, за работодавачите конечно да ги прифатат владините мерки. Само така ќе фатиме чекор со регионот, па потоа со развиена Европа, а со вакво темпо, ќе ни требаат 50 години. Би издржале ли газдите уште повисоки минимални плати?
„Работодавачите 25 години кукаат, а не ги затвораат фирмите. Тоа укажува дека има можност за зголемување на платите. Државата е само должна да воспостави еднакви услови за работа на сите правни субјекти, и со тоа, со поголем број на инспекторати, самите фирми ќе се доведат во ситуација – кој може да работи, да работи, а кој сака да шверцува, ќе биде исклучен од пазарот“, вели Јовановски.
Предупредува дека дел од фирмите веќе не можат да најдат работници, токму заради дестимулативните плати, бидејќи од 12,000 денари, реално 6 000 одат за храна и за превоз. Ако Владата, се задолжува, вели Јовановски, тоа да биде само за повисоки плати, бидејќи народот и работничката класа во земјава веќе немаат време за чекање.
Платата во мај во земјава која Статистика ја измери на 24.509 денари, во однос на истиот месец лани е зголемена за 7,1 отсто.
Министерката за труд и Социјала Мила Царовска неодамна изјави дека со најновите законски измени се предвидува работодавачите што ќе им ја зголемат минималната плата на вработените, да добијат државна помош за тоа. Поддршката по работник е 30 отсто од разликата меѓу бруто платата во тековниот месец и просечната бруто плата на работникот исплатена во октомври, ноември и декември лани, а најмногу до 1.200 денари по работник месечно. Оваа мерка се смета и како одговор на барањето на работодавците за проблемот со урамниловката, за да не ги изгубат или демотивираат попродуктивните работници. Парите ќе се исплаќаат за периодот јули 2018 до декември 2019 година.
Нина Нинеска Фидановска