
МНР се уште не го потврдува убиството на македонскиот државјанин во Авганистан
Службите во Министерството за надворешни се уште не успеваат официјално да ја потврдат трагедијата од Авганистан каде на Илинден беше киднапиран и убиен 37-годишен скопјанец. Од МНР велат дека и тие чекаат официјална потврда и одржуваат постојани контакти со службите во Кабул.
Во меѓувреме весникот Вечер објави дека жртвата е Илија Мерџановски од скопското село Љубанци каде имал и рибен ресторан. Според информациите на весникот, Мерџановски израснал без татко, а имал две деца. Во Авганистан работел како готвач во компанијата Содексо, а таму заминал пред три месеци.
МНР трет ден по ред чека да ги потврди информациите и да го извести Министерството за внатрешни, кое потоа треба да ги исполни своите законски обврски.
Убиството се случи на втори август. Тогаш, македонскиот државјанин заедно со уште двајца странци, еден индиец и еден малезиец, биле киднапирани и ликвидирани додека оделе на работа. Личните документи биле пронајдени покрај нивните тела. Портпаролот на авганистанските власти го оцени киднапирањето и убивањето на тројца странци како терористички акт, најверојатно извршен од талибанци.
Авганистанската полиција соопшти дека возачот на компанијата кој ги превезувал работниците за време на нападот бил под истрага од авганистанската разузнавачка служба. Од малезиската и индиската Влада веќе го осудија убиството на нивните државјани.
Петар Догов