
Центарот за социјални работи ќе одлучува за старателството над претепаното бебе откако ќе закрепне
Претепаното 14 месечно бебе заздравува во болница, а кој ќе се грижи за него по лекување на повредите, дополнително ќе одлучат од Центарот за социјални работи.
Засега, социјален работник е во 24 часовен контакт со болничарите. Го следи заздравувањето и состојбата на детето и се грижи за неговите потреби и конзумирање на соодветна храна и витамини.
- По отпуштањето од болница, во зависност од тоа каква ќе биде неговата здравствена состојба, стручниот тим од Центарот за социјална работа ќе се погрижи да добие и соодветен облик на заштита со цел и понатаму да му се унапреди здравствената состојба за да може колку толку да опстојува во едно нормално семејство. Не можеме да кажеме каков ќе биде тој облик на заштита се додека не добиеме отпусно писмо со напатствија каква ќе биде понатамошната грижа и какви се потребите на детето“, вели Наташа Станојевиќ – Директор на Меѓуопштински центар за социјални работи
Од Центарот за социјални работи не откриваат детали за состојбата на мајката на претепаното дете се додека не го добијат официјалното обвинение поднесено од Основното јавно обвинителство. Моментално таа е сместена во прифатен центар кадешто добива психосоцијална поддршка од социјалните служби.
- Против мајката на 14 месечното претепано бебе поднесена е кривична пријава за запуштање и малтретирање на малолетно лице.
14 месечното девојче беше претепано на осми јули. На Ургентен е примено со тешки повреди на главата и скршеници на рацете и нозете, што ги шокирало докторите. Пред една недела оперирана му е главата, а од Клиниката за детска хирургија велат дека неговата состојба се уште е непроменета.
Петар Догов